Предностите на Крушево се дека има многу летачки денови во годината, има места за полетување речиси за секакви услови, а има и асфалт до нив, релативно е побезбедно отколку на други места поради пространството на Пелагонија и е доста евтино во споредба со други дестинации од алпските земји, вели параглајдеристот Гацевски
Човекот откако знае за себе сака да ги освојува височините, да биде како птица, да ја освојува слободата. Низ времето измислил начини како да ѝ се приближи на птицата, да стигне до височините. Така се родиле авионите, хеликоптерите, параглајдерите и сите слични летала што ни помагаат да преминуваме растојанија.
Александар Гацевски
За скопјанецот Александар Гацевски, летањето со параглајдер е страст што го води во животот. Пред десетина дена тој оствари голем сон, го сруши македонскиот рекорд во летање со параглајдер. Успеа да прелета 147,6 км.
Водно, Матка, Осој, Сува Гора (покрај Гостивар), Добра Вода (покрај Кичево), Македонски Брод, Мушица, Крушево, Битола и грчка граница - ова беше неговата маршрута.
Подготовки пред полетување на Милениумскиот крст
Гацевски се занимава со параглајдерство во последните 17 години. Тој е член на националниот тим на параглајдери, а учествувал и на многу светски купови. Минатата година беше втор најдобар Македонец на Flymastеr Open во Крушево (петти вкупно).
Го прашавме какво беше чувството кога слета?
- Неописливо е. Едноставно, нешто што сум го сонувал многу пати, се оствари. Откако слетав, се вртев неколку минути налево-надесно за да си потврдам дека сум стигнал до грчката граница - објаснува Гацевски.
Тој објаснува дека никогаш не копнеел по рекорди, туку секогаш се надевал дека ќе дојде вистинскиот ден за долг лет.
- Иако понекогаш и непланирано може да се случи, односно на ден кој немал таков потенцијал – вели Гацевски.
Тој не се подготвувал специјално за овој лет. Вели дека имал зацртано неколку маршрути и бил флексибилен во однос на нив додека летал.
- Секогаш се трудам да бидам целосно фокусиран во моментот додека летам со цел да градам километар по километар и да уживам што повеќе - кратко одговара Александар.
Како што многу често се случува и се вљубуваме во одредени хобија случајно, така и тој се вљубил во параглајдерството.
- Едни параглајдеристи во далечната 2003 ме замолија да им го симнам автомобилот од Водно додека тие се спремаа да полетаат, па така се договоривме да се обидам и јас еден ден да летам во тандем - вели Гацевски.
Во Македонија се случува вид ренесанса во однос на овој спорт, во смисла на поттикнување за летање, промовирање на Крушево како авантуристичка дестинација... Дали сме на светската мапа на локации за параглајдерство? Гацевски вели: Дефинитивно!
- Предностите на Крушево се во тоа што има многу летачки денови во годината, има места за полетување речиси за секакви услови, а има и асфалт до нив, релативно е побезбедно отколку на други места поради пространството на Пелагонија и е доста евтино во споредба со други дестинации од алпските земји. Секако, постојат и други дестинации во Македонија освен Крушево, на пример, целиот шарпланински масив, Галичица, Јабланица, Водно, Скопска Црна Гора, одредени места во Источна Македонија итн, - вели Гацевски.
Македонија, а особено Крушево веќе е високо на светската параглајдерска мапа во однос на условите и квалитетот за летање, додава тој.
Втор најдобар Македонец лани на натпревар во Крушево
- Доаѓаат групи на пилоти од цел свет со цел да ги надградуваат своите пилотски вештини. Во Крушево беа организирани голем број меѓународни натпревари, вклучувајќи и светско првенство и светски куп, каде што учествуваа најдобрите параглајдеристи во светот - објаснува тој.
Тандемското летање со параглајдер е интересен предизвик. Гацевски вели дека одговорноста е огромна бидејќи „патникот практично му го доверува својот живот на пилотот“.
- Секако, можноста за инцидент е многу мала доколку пилотот е сертифициран и ги следи сите постапки за тандемско летање, како и временските услови. Особено е убаво чувството кога ќе придонесеш патникот целосно да се препушти на уживањето во летот и со насмевка да слета - додава параглајдеристот од Скопје.
Гацевски (прв од десно) заедно со Ѓорѓи Ристовски и Дарко Станковски (средина)
Неговиот следен подвиг би бил да лета 200 км во Македонија и да учествува на што повеќе големи натпревари и да остварува успеси.
- Би сакал да летам на колку што е можно повеќе места во светот каде што има убави услови и пејзажи. Секако, за мене подвиг е и да го промовирам параглајдерството како спорт кој нуди специјално задоволство - објаснува Гацевски.
Погледот од птичја перспектива над италијанските Доломити, а во Македонија тоа е секој поглед на надморска височина над 3.000 метри – тоа се најубавите глетки што го тераат Гацевски секогаш одново да се впушта во нова авантура.
Треба да имате сон, вештина за летање, храброст, добро време, семејство што ве поддржува, трпение. Тој ѝ е благодарен на компанијата во која работи - „Симфони солушнс“ затоа што му нуди опција за флексибилни работни часови.
Во наредниот период го очекуваат првенство во Србија, Светски куп во Швајцарија, но настапите се неизвесни поради пандемијата на Ковид-19.