Сојузниот суд во Сан Франциско ја одобри спогодбата на компанијата за вештачка интелигенција „Антропик“, вредна 1,5 милијарда американски долари, во колективната тужба што ја поднесоа група автори поради злоупотреба на нивните книги за обука на ВИ-четот „Клод“.
Американската судијка Арасели Мартинез-Олгин даде конечно одобрение за најголемата позната спогодба во случај поврзан со авторски права во Соединетите Држави.
Овој случај е еден од десетиците што сопствениците на авторски права, вклучувајќи автори и новински куќи, ги покренаа против технолошките компании поради обука на нивните големи јазични модели. Тој е првиот голем американски спор во кој е постигната спогодба.
Од „Антропик“ порачаа дека се задоволни што повеќе од 91 процент од авторите и издавачите опфатени со спогодбата го побарале својот дел од исплатата. Потсетија дека судската одлука од 2025 година ја прифатила обуката на вештачката интелигенција на книги како чесна употреба според актуелниот закон за авторски права. Сепак, ги радува завршувањето на овој случај.
Претставниците на тужителите ја нарекоа спогодбата историска. Писателите го тужеа „Антропик“ во 2024 година тврдејќи дека компанијата користела пиратски верзии од нивните книги без дозвола за да го научи „Клод“ како да реагира на човечки упатства.
Одредени автори и издавачи се откажаа од спогодбата и поднесоа посебни тужби
Судијата Алсуп минатиот јуни пресуди дека „Антропик“ чесно ја користел работата на авторите за обука на „Клод“, но утврди дека компанијата ги прекршила нивните права зачувувајќи повеќе од седум милиони пиратски книги во „централна библиотека“ која не би била нужно користена за обука на вештачката интелигенција.
Судењето требаше да започне минатиот декември за да се утврди колку „Антропик“ должи за наводното пиратство, со потенцијална штета што се мери во стотици милијарди долари.
Спогодбата предизвика приговори кај одделни автори, кои тврдеа дека не е доволно голема, дека премногу ги компензирала адвокатите на тужителите или погрешно исклучила одделни носители на авторски права.
Судијката Мартинез-Олгин во својата пресуда ги одби тие приговори. Смета дека поплаките за големината на спогодбата не се засновани врз реална процена на вкупните ризици и награди од судењето и на адвокатите им додели повеќе од 101 милион долари од 187,5 милиони колку што бараа за надоместоци.
Одредени автори и издавачи се откажаа од спогодбата и поднесоа посебни тужби против „Антропик“ кои сè уште се во тек.
Фото: magnific