Пожар избувна околу 10:30 часот во магацин на трговска фирма со материјали за електротехника и железарија во близина на тетовското село Фалише. Во гаснењето на пожарот интервенираат пожарникарите од тетовската територијална противпожарна единица.
- Пожарот е пријавен во СВР Тетово, полицајци го обезбедуваат местото. Засега немаме информациите за повредени лица - информираат од СВР Тетово.
Истовремено, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, во изјава за медиумите истакна дека во магацинот имало голема количина бои и лакови и други хемикалии.
-Се работи за голема количина, можеби сто тони, сè уште не е утврдено колку точно имало во моментот кога избувнал пожарот, но во секој случај е голема количината и сето е изгорено или ќе изгори - истакна тој.
Ангелов предупреди дека може да дојде до рушење на опожарениот објект и апелираше луѓето да не се движат во околината.
-Апелирам до граѓаните да се оддалечат и до сите жители кои живеат на неколку километри од пожарот да не ги отвораат прозорците и да не излегуваат без потреба додека не добиеме детални информации - порача тој.
Лекарот Ратко Давидовски, исто така, посочи дека жителите во околината треба да останат дома.
- Наша препорака е затоа што во моментов има јаглерод моноксид, јаглерод диоксид, штетни и опасни материи, во радиус од два километри населението да не излегува без потреба - рече тој и додаде дека ќе се извршуваат испитувања на водата и почвата.