Како што се наближува крајот на годината, божиќните и новогодишните филмови се чести на телевизија, како и на стриминг-платформите. Ваквите филмови обично се слатки и бесмислени, но многу луѓе сакаат да ги гледаат. Дали некогаш сте се запрашале зошто?
Веб-страницата „Економист“, инспирирана од неодамна објавениот божиќен филм „Хот фрости“ кој е достапен на „Нетфликс“, објави текст во кој нуди одговори на прашањето „Зошто луѓето сакаат да гледаат апсурдни божиќни филмови?“
Инаку, заплетот на филмот „Хот фрости“ се базира на годишниот натпревар за скулптури од мраз во Хоуп Спрингс. Една од скулптурите е млад човек кој оживува благодарение на шегата на главниот протагонист во филмот. Интересно е што на никој од граѓаните не му пречи што скулптурата од мраз станува чувствително суштество, а се чини дека и на гледачите не им пречи необичното дејство. Претплатниците потрошиле речиси 52 милиони часа гледајќи го филмот во три недели по неговото објавување. Според податоците на „Перот аналитикс“, овој филм беше еден од најпопуларните филмови на „Нетфликс“, со речиси 35 пати поголема побарувачка од просечниот филм во САД“.
Од „Перот аналитикс“ истакнуваат дека „Хот Фрости“ е лесен, генерално предвидлив филм што луѓето го сакаат. Тие даваат информација и дека во 2023 година биле објавени 144 божиќни филмови, што е седумпати повеќе од 2000 година. Тоа беше годината кога кабелската телевизиска мрежа на „Халмарк“ почна сериозно да произведува празнични филмови. Во 2024 година „Халмарк“ објави 32 филма како дел од својот годишен настан наречен „Одбројување до Божиќ“, кој емитува најмалку три нови филма секој викенд, почнувајќи од октомври.
Домаќините на поткастот „Дек д Халмарк“, Брендон Греј и Даниел Пндолф, анализираа приближно 1.000 божиќни филмови и забележаа дека тие обично имаат некаква сцена за подготовка на храна, како и голема одлука што треба да ја донесат за Божиќ. Околу 80 отсто од филмовите прикажуваат сцени на украсување домови, правење куќички и друго.
Освен „Халмарк“ и „Нетфликс“, и другите стриминг-платформи се обидуваат да профитираат од божиќните филмови. Ваквите филмови обично имаат ниски буџети (помалку од 5 милиони долари), но многу подобра заработка.
Водителот на поткастот Брендон Греј истакна дека божиќните филмови најмногу ги гледаат средовечни жени. Многу луѓе се зафатени со подготовка на подароци и храна, ретко кој има време да седне и да посвети целосно внимание на некој филм. Предност во тој случај се предвидливите заплети. Неговиот колега Даниел додава дека по неколку чаши вино, не е важно што приказната е бесмислена. Тој вели дека уживањето во овие филмови експоненцијално се зголемува ако сте пиеле.
Расел Хејнлајн, сценаристот на „Хот Фрости“, вели дека филмовите како неговите се поврзани за исполнување желби.
- „Хари Потер“ има стапчиња, „Господарот на прстените“ има хобити. Божиќните филмови имаат добри луѓе и добри работи кои постојано се случуваат. Светот би бил поубаво место кога би бил повеќе како божиќните филмови - вели тој.
Извор:
Economist.com
Фото: Screenshot/YouTube