X
 23.03.2023 Живот

Финска нуди бесплатни патувања за да покаже зошто е најсреќна земја на светот

Финска е позната по своите зимски пејзажи и спектакуларните глетки на поларната светлина. Друга препознатлива карактеристика на оваа нордиска земја е тоа што се смета за најсреќна во светот, според Светскиот извештај за среќа. Всушност, оваа земја ја држи титулата шест години по ред.

Надевајќи се дека ќе ја рашири среќата, националната туристичка организација „Посетете ја Финска“ почнува кампања со која ги кани луѓето од целиот свет да дојдат, да ја посетат Финска и да научат да уживаат во животот на фински начин.

- Со оглед на тоа што Финска е најсреќната земја на светот, во јуни организираме мастер-клас лично во Финска. Ако го изберете, добивате четиридневно патување во Финска каде што ќе можете да ги научите методите за пронаоѓање на вашиот внатрешен Финец - пишуваат од „Посети ја Финска“.

Насловена како „Мастер-клас на среќата“, програмата ќе се одржи во јуни 2023 година во одморалиштето Куру, дестинација каде што има приватни вили, секоја со свој спа-центар и сауна.

finska
Фото: Freepik

Иако квалитетот на животот сигурно помага (на крајот на краиштата, Светскиот извештај за среќа ги мери приходите, здравјето, слободата, дарежливоста и отсуството на корупција), за организаторите, финската состојба на умот е вештина. Како таква, може да се научи и да се сподели со другите.

- Веруваме дека среќата не е мистична способност со која сте родени, туку пристап кон животот што можете да го научите - пишува „Посети ја Финска“.

Ако сакате да учествувате во овој уникатен мастер-клас и да освоите четиридневно патување во Финска, пополнете го формуларот на веб-страницата на „Посети ја Финска“ и приклучете се на предизвикот на социјалните мрежи, објаснувајќи зошто верувате дека потајно можете да бидете Финец.

Имате рок до 2 април. Десетте победници ќе бидат објавени во мај. За оние што нема да победат, ќе биде организиран онлајн мастер-клас, па без разлика каде се наоѓате, можете да додадете малку среќа и фински стил на живеење.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот