X
 16.10.2018 Наша тема

„Цел живот чекаме да дојде лето“: Исланд низ очите на ракометарката Дајана Јовановска од Кратово

Младите патуваат низ светот. Не можам да направам споредба со животот на младите во Исланд и во Македонија зашто постои огромна разлика во системот на државите, стандардот, менталитетот и културата, раскажува нашата репрезентативка Дајана Јовановска, која настапува за клубот „Копавогс“ во Рејкјавик


Живее меѓу луѓе што цел живот чекаат да дојде летото. А летото никогаш не доаѓа. Токму поради тоа, ова е една од националните шеги на Исланѓаните. Меѓу нив веќе подолго време живее Дајана Јовановска од Коритон. Ова е едно од старите имиња на Кратово и на ракометниот клуб „Ел Коритон“, каде што таа како дете почнала да тренира. Денес Дајана е репрезентативка на македонскиот женски тим.

Фантастичните пејзажи на Исланд

Дајана има 26 години. Тренира ракомет веќе 16 години, а денес настапува професионално на позицијата лев бек. Родена е во Кратово, каде што завршила втора година од средното училиште.
- Ракомет почнав да тренирам на 10 години во Кратово, во некогашниот клуб „Ел Коритон“. Сестра ми тренираше во тоа време, па и јас решив да му се приклучам на тимот. Бев најмлада во тимот и тоа претставуваше голем предизвик за мене уште тогаш – ја почнува Дајана својата приказна за Факултети.мк.

Дајана Јовановска во боите на РК „Копавогс“ од Рејкјавик

Тогаш потпишала договор со ракометниот клуб „Феникс“ од Битола, каде што го продолжила и го завршила средното образование. Сепак, спортот не била единствената определба во нејзиниот живот. Академските студии ги завршила во Скопје, на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на одделот за финансиски менаџмент. Додека била студент, пет години настапувала за „Металург“.

Најголемата жртва од нејзиното детство

Спортистите имаат поинакво секојдневие. Особено во периодот на детство треба да се откажат од многу работи.
- Се разбира дека спортскиот живот е поинаков. Од почеток градиш поинакви навики, обврски и одговорности, имаш поинаков начин на живот. Секојдневни тренинзи, натпревари, патувања... Само ќе споменам една - воедно и најголема жртва од моето детство. Кога ги напуштив домот, семејството и пријателите уште на 16 години. Поради ракометот, заминав во Битола – раскажува Јовановска.

Понудата да игра за тимот од Исланд била најпривлечна

Интернационалната кариера ја почнала во Романија. Две години настапувала за клубот „Данубиус Галаци“. Сè до моментот кога го прифатила најголемиот предизвик - се преселила во Рејкјавик, каде што денес настапува во дресот на клубот „Копавогс“.
- Во трансфер-периодот имав неколку понуди од различни земји, но никоја не ме привлекуваше колку што ме привлече Исланд. Ги сакам скандинавските земји и нивниот менталитет. Тоа се држави со многу јак систем на работа на секое поле, а особено во спортот. Ракометот во Исланд е многу почитуван спорт и е на високо ниво – раскажува нашата репрезентативка.

Исланѓаните живеат за слободното време, во кое максимално уживаат

Таа вели дека младите во Исланд или студираат или работат со полна пареа. Живеат прилично здрав живот. Живеат за викендите и за слободното време, кое максимално го користат за уживање.
- Рејкјавик има одличен ноќен живот, многу термални отворени базени, фитнес-центри, голф-терени. Младите патуваат низ светот. Не можам да направам споредба со животот на младите во Исланд и во Македонија зашто постои огромна разлика во системот на државите, стандардот, менталитетот и културата. Секоја земја има позитивни и негативни страни за живот – вели Дајана.

Постојано е пролет

Таа сè уште се навикнува на климата, иако претходните два месеца било сончево и суво, што не е типично за Исланд. Зборуваат 100 отсто англиски, немаат војска, стапката на криминал е речиси 0 %.
- Исланѓаните се смирени, харизматични и среќни луѓе. Најинтересно е што се шегуваат на своја сметка. На пример: „Чекаат цел живот да дојде лето“. Затоа што постојано е пролет. Кога Исланд би имал слоган, тогаш тоа би било þetta reddast, што во превод значи „На крајот, сè ќе биде во ред“ – објаснува Јовановска.


Тимот за кој денес настапува

Во земјава доаѓа кога настапува за ракометната репрезентација на Република Македонија. Имале собир кон крајот на септември, а имаат квалификации на крајот на ноември. Дајана би сакала да игра ракомет уште пет-шест години.
- Дали и каде, никогаш не се знае. За десет години се гледам себеси на полето на економијата или како тренер.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема