X
 23.08.2023 Живот

Зошто 40 отсто од компаниите во Јапонија вработуваат луѓе над 70 години?

Во Јапонија расте побарувачката за работоспособни постари лица - минатата година 6,39 милиони работници на возраст над 65 години работеле, додека дури 39 отсто од јапонските компании имале вработени што влегле во осмата деценија од животот.

Според податоците на јапонското Министерство за здравство, труд и социјална политика, минатата година дури 39 отсто од јапонските компании вработувале работници постари од 70 години. Тој процент е прилично зголемен во текот на изминатава деценија.

Јапонската Влада законски им даде можност на компаниите да ја укинат старосната граница за пензионирање - опција која некои од нив ја избрале, за да можат да вработуваат работници над 80 години. Ова особено се однесува на продавниците и угостителски објекти.

Според податоците на Министерството за земјиште, инфраструктура, транспорт и врски, 6,39 милиони луѓе на возраст од 65 и повеќе години работеле во Јапонија во 2022 година, што е 10,6 отсто од вкупната работна сила на островската држава. За споредба, тој сооднос во САД е седум, а во Германија само четири отсто.

Причини за вработување постари лица


Главната причина за високиот процент на постари лица што работат во Јапонија е стареењето на населението поради неколкудецениската ниска стапка на наталитет и намалувањето на работоспособното население (возрасната популација традиционално се смета за работоспособна од 15 до 64). Имено, во Јапонија близу 30 отсто од населението има над 65 години - демографски репер што јапонската популација ја прави најстара во светот.

Треба да се каже и дека Јапонците со децении уживаат долг просечен животен век и според овој стандард традиционално заземаат едно од првите три места во светот. Сегашниот просечен животен век на мажите во Јапонија е 81 година, а на жените 87.

Најчеста опција што ја избираат најголемиот број компании во Јапонија е пензионирање на работниците на возраст од 65 години, но Владата и медиумите во таа островска земја, имајќи го предвид постојаното подобрувањето на здравствената состојба на старите лица и фактот дека животниот век се зголемува, зборуваат дека доколку старосната граница за пензионирање не се зголеми од сегашните 65, жителите ќе поминат повеќе (непродуктивни) децении во пензија, што е голем предизвик за пензискиот и здравствениот систем на државата.

Јапонската Влада освен што ги охрабрува компаниите да ја подигнат старосната граница за пензионирање или повторно да вработуваат здрави пензионери, се обидува да го реши и проблемот со намалувањето и недостигот на работна сила со зголемена автоматизација и роботизација на производството и услугите, поголема вклученост на жените на пазарот на труд и послободен увоз на странска работна сила.

Меѓутоа, во последните неколку години, според јапонските експерти, врвот е достигнат кога се работи за ангажирање домашна женска работна сила, додека големиот пад на јенот во однос на доларот и еврото го отежнува вработувањето на странци.

Оттука расте потребата да се користат постарите лица како работници, што го објаснува фактот дека минатата година бројот на јапонски компании што вработиле луѓе во осмата деценија од животот достигна рекордно ниво од 39 отсто.

Извор: bizlife.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот