X
 23.11.2020 Живот

Земјата во која нема војска, има 97 отсто писмена нација и користи 100 отсто обновлива енергија: Како Костарика успеа во тоа?

Од бујна тропска дождовна шума, дом на стотици ретки видови, до облачни шуми на врвот на светот, во малата централноамериканска земја можат да се најдат вкупно шест различни екосистеми.

Но, во децениите што следуваа се уништија шумите во Костарика бидејќи компаниите за сеча на дрво го претворија овој незаменлив природен ресурс во профит. Земјиштето било расчистено за да се користи за земјоделски култури и добиток. Премногу позната приказна во тропските региони каде што се смета дека област на дождовна шума со големина на фудбалски терен се губи на секои 6 секунди.

До 80-тите години остана само третина од шумата што ја покриваше оваа централноамериканска земја. Имаше една од највисоките стапки на уништување на шумите во цела Латинска Америка. Но, читајќи ја нејзината историја, можеби не очекувате дека Костарика ќе биде водечка земја во светот во своите напори за зачувување. За неверојатно краток временски период земјата успеа драматично да ги промени работите.

Таа стана една од првите тропски земји што освен што му ставија крај на уништувањето на шумите, ја променија и својата загуба на природата. Денес, околу 75 отсто од нејзината земја е повторно покриена со шума. Сочинувајќи само 0,03 отсто од глобалното копно, Костарика сега штити 5 отсто од светскиот биодиверзитет што брзо се намалува.

Како успеа во тоа?

За да се избегне еколошка катастрофа, Костарика донесе низа прилично храбри одлуки што резултираа во тоа постојано да биде прогласувана за најсреќното и најзеленото место на земјата.

Обично спасот од глад и сиромаштија значи дека влијанието на земјата врз животната средина се зголемува. Економистите го нарекуваат процесот „структурна трансформација“ тој и вклучува низа општествени промени. Земјоделството станува поретко, луѓето се селат во градовите за да најдат работа, а индустријализацијата доведува до загадување. На крајот, економијата идеално се модернизира до точка каде што почнува да се расчистува. Но, земјите можат да останат заглавени во валканата, индустриска фаза долго време ако нема економски придобивки за обичните луѓе. Костарика го избегна ова со давање земја, пари и образование на луѓето како начин за зајакнување на заедниците.

kostarika
Фото: Unsplash

По кратка, но насилна граѓанска војна таа ја укина својата војска кон крајот на 40-тите години. Наместо да се трошат пари за оружје и воени материјали, ресурсите биле насочени кон развој на образованието и културата. Сè уште треба да се работи на нееднаквоста на приходите во земјата, но нејзиниот сеопфатен пристап ѝ овозможи да се модернизира без голем еколошки отпечаток.

Владата, исто така, откри дека најбрзиот начин да ги убеди луѓето да се грижат за животната средина е преку нивно охрабрување. Во 1997 година Костарика го разви таканареченото Плаќање за еколошки услуги (PES), алатка за борба против сиромаштијата и уништување на шумите. Оваа алатка им дава пари на сопствениците на земјиште кои ја зачувуваат животната средина преку активности како зачувување на биодиверзитетот, заштита на изворите на чиста вода или складирање јаглерод.

Оваа програма сега е финансирана со употреба на даноци од фосилни горива. Тaa им обезбеди на земјопоседниците во некои од најсиромашните делови на земјата над 420 милиони евра во последните 20 години. Повеќе од еден милион хектари шуми сега се заштитени со oваа програма.

Како да се финансира континуирана револуција во животната средина


Почитта на една земја кон животната средина се зајакнува и со нејзина успешна индустрија за екотуризам. Речиси две третини од трите милиони туристи што ја посетуваат Костарика секоја година го прават тоа токму поради нејзината природа.

Туризмот сочинува 8,2 отсто од БДП на земјата и околу 10 отсто од граѓаните се вработени во овој сектор. За разлика од некои други дестинации што се потпираат на посетителите за да ја одржат својата економија во живот, индустријата помага да се заштити животната средина што ги привлекува луѓето наместо да ја уништува.

- Кaко земја, донесовме одлука дека туризмот ќе стане алатка за социјален напредок, а не само индустрија која произведува работни места - изјави Густаво Сегура Санчо, министер за туризам во земјата.

- Да изберевме модел на агресивен раст на масовниот туризам, тогаш немаше да има зачувување на природата - додава тој.

1
Мотото на Костарика/ Фото: Pixabay

Тој објаснува дека малите рурални и крајбрежни области, кои веројатно ќе привлечат најмногу посетители, се и оние на кои им е потребен социјален напредок. Во последните 30 години големиот број туристи овозможи изградба на повеќе нови училишта, болници и здравствени клиники за зајакнување на овие заедници.

Тоа доведе до 97 отсто стапка на писменост, што го прави споделувањето на сите видови информации меѓу населението многу полесно. Сегура Санчо вели дека туризмот сега помага директно да се финансира овој комбиниран пристап кон образованието, здравството и конзервацијата.

- Сега имаме 26 отсто од нашата територија во одредена форма на зачувување и главниот извор на финансирање на тие напори за зачувување е туризмот - додава тој.

Начин на живот што е во опасност од остатокот од светот


Иако Костарика може да ја регулира конзервацијата во рамките на своите граници, заканата од глобалните климатски промени сè уште е итен проблем. Меѓувладиниот панел за климатски промени ја идентификува земјата како едно од глобалните жаришта каде што временските услови можат драстично да го трансформираат пределот во следните 50 години.

3
Фото: Unsplash

Оваа година е забележана рекордна сезона на урагани, а климатските научници велат дека виновна е невообичаено високата температура во Атлантскиот Океан. Колку се топли нашите води, толку повеќе енергија е достапна во временските системи на планетата. Бурите тогаш имаат потенцијал да станат поголеми и поштетни.

Костарика, за жал, ги чувствува овие ефекти од неможноста на остатокот на светот да ги исполни целите за емисиите - и покрај тоа што користи речиси 100 отсто обновлива енергија и е на пат да достигне неутралност на јаглерод до следната година.

Секако дека не е совршено. На земјата ѝ претстои долг пат кога станува збор за продолжување на успехот, но зачувувањето на животната средина со поддршка на својот народ претставува чекор во вистинска насока.

Ако повеќе влади почнат да размислуваат за напредокот на Костарика, сите ќе добиеме нешто - особено места како Централна Америка, кои се веќе во првите борбени линии на климатската криза.

Извор: Еuronews.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот