X
 24.06.2018 Образование

Цела земја без интернет поради испити

Владата на Алжир направи драматичен чекор во обид да го потисне мамењето на завршните испити на средношколците така што го исклучи интернетот за време на сесијата. Да, целиот интернет. За сите.

Оваа недела интернетот беше исклучен додека учениците полагаа. Алжирците не можат да пристапат на интернет во текот на еден час, време кое се совпаѓа со полагањето на испитите.

Ова е голем чекор, но земјата има голем проблем со мамењето. Во 2016 година, околу 30.000 ученици мораа да полагаат одново откако тестовите се појавија на интернет пред полагањето и кружеа низ социјалните мрежи.

Минатата година беа направени напори за ограничување на пристапот до социјалните мрежи, но на крајот тие мерки не беа доволно ефикасни, па оваа година властите се решија за радикални мерки.

Министерката Нурија Бенгабрит истакна дека владата не е среќна поради одлуката, но додаде дека не треба пасивно да се седи пред таквото можно објавување на тестовите.

Фото: Pixabay

Според тамошните медиуми, некои денови интернетот бил исклучуван три часа, а некои помалку. Исклучувањето на интернетот беше најавено да се случува шест дена по ред. Некои медиуми запрашуваа која е целта на мерката бидејќи учениците би можеле пред испитот да ги најдат тестовите. Други, пак пренесуваа дека мерката ќе ги спречи учениците да користат направи за да ги бараат одговорите во текот на самото полагање.

Во повеќе од 2.000 центри за полагање се поставени надзорни камери и детектори за метал.

Како што сигурно и си претпоставувате, многу Алжирци не се задоволни од одлуката.

-Не знам зошто мора да се толку агресивни. За мене и многу луѓе како мене, ова е голема незгода. Губам половина од работното време. Зошто не можат да го прекинат само мобилниот интернет. Мора да има некое друго решение - вели Лие Рекеб, кој работи во агенција за веб-дизајн.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование