X
 24.07.2018 Здравје

Синдромот на карпален тунел. Кои се симптомите?

Седењето пред компјутер не е единствената причина за настанување на синдромот на карпален тунел, болната состојба на рачниот зглоб кога лицето чувствува болка и вкочанетост во дланките и во рачниот зглоб, која понекогаш преминува на целата рака. Експертите сметаат дека овој синдром настанува како комбинација од повеќе фактори, генски наследен потесен карпален тунел или поради дијабетес и ревматолошки артритис. Се поврзува со професии како стоматолог, лица што често работат на компјутер, ѕидари, физиотерапевти итн.

Симптомите напредуваат полека. Привремено трнење на прстите во текот на ноќта или наутро кое потоа трае цел ден, здрвување на дланката, отекување на палецот или на сите прсти, слабост на мускулите, испуштање на предмети, неможност за стискање и држење мали предмети. Трипати почесто се јавува кај жените, кои и инаку имаат потесен карпален тунел од мажите, главно во доминантната рака, но и во двете. Но, можете да си олесните со помош на овие совети:

1. Раздвижете ги метакарпалните коски

Нежно виткајте ја раката нагоре и надолу во однос на рачниот зглоб, задржувајќи се неколку минути во секоја насока. Потоа свиткајте ги, па испружете ги прстите.

2. Користете помалку сила

Не морате со сета сила да куцате на тастатурата или да го држите пенкалото прецврсто.

3. Поработете на тоа како седите

Нозете држете ги рамно на подот, а очите на исто ниво со екранот од компјутерот. Ако столчето или бирото ви се високи, користете подлога за нозе.

Повремено одморајте и една минута поминете шетајќи низ канцеларијата - стоењето го подобрува држењето на телото. Правете го ова барем петпати во текот на работното време. Немојте да ги држите нозете прекрстени предолго време.

4. Стоплете ги рацете

Престојот во ладна просторија прави рацете да се закочат, што може да предизвика болка. Ако не можете да ја наместите температурата во просторијата, обидете се да ставите ракавици без прсти. Можеби ви изгледа бесмислено, но рацете ќе бидат среќни и помалку згрчени.

5. Вежбајте јога

Кој било облик на вежбање за создавање цврстина е добар за зглобовите, а познато е дека јогата ги одржува зглобовите мобилни. Пробајте ја јогата за да ја зголемите подвижноста.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје