X
 24.08.2021 Живот

Без доказ за вакцинација, негативен тест или прележан ковид-19, нема пристап до јавни места во Германија

Федералната држава и германските провинции донесоа заедничка одлука дека од 23 август граѓаните нема да можат да одат во кафуле или кино ако немаат доказ за вакцинација, негативен тест или за прележан ковид-19.

Од понеделникот само вакцинираните луѓе, оние со негативен тест или оние што прележале ковид-19 и имаат потврда дека се оздравени ќе имаат пристап до јавните простори. Со договор помеѓу федералните држави и покраините, овие правила важат за клиники, домови за стари лица, сали за вежбање, базени, фризерски салони, хотели, ресторани и за разни настани.

Ова правило се нарекува „3G“ бидејќи на германски јазик сите три збора: вакциниран, тестиран, излекуван почнуваат на буквата „g“ (geimpft, getestet, genesen).

Минатата сабота бројот на случаи на 100.000 жители надмина 50, првпат од мај. Најголем скок на бројот на новозаразени има Северна Рајна-Вестфалија, а на второ место е Берлин.

Повторно многу пациенти во болниците

Расте и бројот на ковид-пациенти во болниците. Луѓето на возраст помеѓу 35 и 59 години се особено погодени. Речиси сите нови инфекции биле предизвикани од делта-сојот.

Според Институтот „Роберт Кох“, луѓето што имале целосна заштита со вакцинација имаат помала веројатност да се заразат, а оние вакцинирани што ќе се заразат, многу ретко имаат потешка форма на болеста. Во февруари, и покрај вакцинацијата, се заразиле 13.000 луѓе. Но, само 2,4 отсто од пациентите на возраст од 18 до 59 години што се лекувале на интензивна нега биле целосно вакцинирани.

1
Фото: Freepik

Институтот „Роберт Кох“ регистрира 3,9 милиони пациенти од почетокот на пандемијата. Помладите луѓе што влегле во третата деценија од животот - а бројот на вакцинирани меѓу нив е особено мал - имаат десетпати поголема веројатност да се заразат отколку луѓето на возраст од 65 до 84 години.

Темпото на вакцинација значително забави во Германија минатата недела. 58,8 отсто од луѓето биле целосно вакцинирани, а 63,9 отсто со барем една доза.

Со „3G“ во текот на есента и зимата

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан ја отфрли можноста луѓето што прележале ковид-19 или што се вакцинирале да бидат ограничувани во однос на контактите и излегувањата. Тој додаде дека целта е да ги поминат есента и зимата без дополнителни мерки, со почитување на добро познатите правила за престој на јавен простор - дистанца, хигиена и маски, како и со помош на 3G-правилото во затворен простор, и на крај со мотото: вакцинирање, вакцинирање, вакцинирање.

Ова правило предизвика незадоволство кај угостителите и хотелиерите. Менаџерката на здруженијата од оваа индустрија, Ингрид Хартгес, смета дека спроведувањето на овие мерки ќе биде прилично напорно и дека на угостителите им се заканува намалување на приходот.

Извор: Deutsche Welle
Фото:
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот