X
 24.12.2022 Живот

Од родното место на Дедо Мраз до градот кој никогаш не спие, ова се најдобрите светски дестинации за да го поминете Божиќ

Можеме да поставиме шарени новогодишни светилки, украси и елки насекаде во домот, но оние што навистина ги сакаат новогодишните и божиќните празници сакаат многу повеќе.

По две години без настани поради пандемијата, во 2022 година на многу места се вратени прославите на главните градски плоштади.

Од Финска до САД, ова се најдобрите градови во светот каде што можете да ги поминете новогодишните празници.

Рованиеми: Градот на Дедо Мраз во Лапонија


На 66 степени северна географска ширина во Лапонија, Рованиеми е еден од најоддалечените градови во Европа. Има нешто повеќе од 63.000 жители, а до 80-тите години на минатиот век го посетувале само неколку научници и големи авантуристи во потрага по волшебни пејзажи. Сè се промени во 1985 година кога беше прогласено за родно место на човекот со бела брада!

Денес е полн со џуџиња, ирваси и снешковци, а годишно го посетуваат повеќе од 500.000 туристи. Пристигнуваат во текот на целата година, но за вистинско, автентично искуство, најдобро е да дојдете во декември. Иако просечната температура овие денови е околу -15 Целзиусови степени, овде ќе ве пречекаат неверојатни природни ресурси, прекрасна божиќна атмосфера и канцеларијата на Дедо Мраз.

Њујорк: Светската престолнина што никогаш не спие

Веројатно не постои човек кој откако го погледнал филмот „Сам дома“ не сакал да ги помине празниците во еден од најпознатите градови во светот. Божиќ во Њујорк е едноставно магичен! Има нешто посебно во тоа да бидеш завиткан во шал и дебел волнен капут, со топол пијалак в рака додека студениот град кој никогаш не спие свети со сјајот на новогодишните светилки и украсените дрвја.

Речиси е невозможно да се избројат сите настани што се случуваат во Њујорк во празничниот период: од украсувањето на новогодишната елка во Рокфелер центарот, до поставувањето украси по должината на авенијата кои носат насмевки на лицата и атрактивни настани во Централ парк и на Менхетен.

Будимпешта го има најдобриот адвент во Европа


Овогодишниот адвент во Будимпешта медиумите веќе го прогласија за најдобар во Европа. Во декември унгарската престолнина се претвора во фабрика на искуства и нуди посебна празнична атмосфера која привлекува домашни и странски посетители од целиот свет. Од нереалните украси, над ледениот парк до прекрасните куќи од кои потекнуваат примамливите мириси, овој неверојатен град на Дунав се претвора во вистинска божиќна бајка.

Посетете го Лондон на Божиќ и доживејте ја магичната атмосфера


Не постои ништо помагично од поминувањето на празниците во Лондон. Помеѓу блескавите светла, божиќните базари, тематските барови и многубројните лизгалишта лоцирани од Хајд парк до Квинс Хаус Гринич, градот навистина оживува за време на празничната сезона. Англиската престолнина е и култна дестинација за новогодишната ноќ! Што може да биде подобро од одбројување во подножјето на Биг Бен или спектакуларен огномет од Темза?

Виена е еден од најубавите европски градови, со посебен празничен дух


Прекрасна декорација со илјадници светилки, мирис на варено вино, цимет и каранфилче, божиќни песни на секој чекор, тезги со ракотворби и оригинални подароци... Во Виена се наоѓа најпознатиот божиќен саем во цела Европа, што го оправдува својот ѕвезден статус од година на година. Адвент програмите во австриската престолнина веќе започнаа во средината на ноември, но атмосферата е најмагична во декември.

Салцбург: Родното место на Моцарт, домаќин на еден од најубавите божиќни саеми во светот


Ако го сакате шармот на австриските градови, тогаш овој Божиќ ќе сакате да го поминете во Салцбург. Местото каде што е роден Моцарт е домаќин на божиќен базар уште од 15 век. Уникатната средина во срцето на стариот дел на градот, кој е на списокот на светското наследство на УНЕСКО, шарените базари и долгата историја го прават салцбуршкиот „Кристкиндмаркт“ навистина посебен настан.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот