Со бокс почнал да се занимава на 11 години. Бил немирно дете кое постојано се тепало со врсниците низ Бутел, па татко му решил да го „даде“ на некој спорт
Има само 17 години и веќе е успешен спортист кој ја претставува Македонија на меѓународните натпревари во бокс. Во 2016 и 2017 година бил државен првак во категоријата кадети, а лани беше државен првак во категоријата јуниори. Освоил и неколку медали на меѓународни натпревари, лани дури три, а веќе почнува со подготовки за учество на претстојното Европско првенство во Бугарија.
Јонузов има многу медали
Лани матурирал во „Брицо“
Младиот боксер Хурмет Јонузов матурирал во државното училиште за физичка култура „Методи Митевски – Брицо“, каде што ги изучувал и другите спортови, но, сепак, боксот му е најголема љубов.
Со бокс почнал да се занимава на 11 години. Бил немирно дете кое постојано се тепало со врсниците низ Бутел, па татко му решил да го „даде“ на некој спорт. Веднаш го покажал талентот. Но, она што го учел во рингот Хурмет повторно го применувал на улица. Овој пат татко му му забранил да тренира бокс додека не се опамети. По речиси пауза од една година, Хурмет ветил дека веќе нема да боксува на улица и до ден-денес го одржува ова ветување. Првата борба ја имал по седум месеци тренинг и победил.
- Сега мојата енергија ја канализирам преку спортот и не се тепам веќе по улици - се смее Хурмет.
По два натпревара во Скопје и две победи со потешки противници од него го имал својот прв меч во Косово.
- Боксував со три години постар противник, и изгубив. На негова страна беа судиите. Тренирам со тренерите Насер Харум и Блерим Саити. Но, за подготовките за репрезентација ме подготвуваат тренерите на репрезентацијата. Досега немам изгубено меч во Македонија - вели Хурмет.
На улица го викаат „боксерот“
Кога има меѓународни натпревари, тренира петпати неделно по два тренинга. Вежба во салата „Партизан“. Подготовките со репрезентацијата ги прават и надвор од Македонија. Член е на клубот „Шкупи“.
Кога ќе излезе во рингот, вели дека чувствува стрес во првите 1-2 минути. Потоа веднаш се фокусира на слабостите на противникот.
- За победа, треба веднаш да почнеш да маваш, нема чекање во овој спорт. Треба малку и психолошки да го одмериш противникот, уште пред борбата. Боли кога ќе те удрат, ама со тек на време се навикнуваш на болката. Брадата боли најмногу. Најголема повреда досега ми е скршен палец во Суботица.
Едноставно се повредив среде меч иако водев во рундите - вели Хурмет.
Хурмет трипати по ред е првак на Македонија, двапати кадет, еднаш јуниор. Следна цел му е Европското првенство во Бугарија, а наскоро ќе има натпревар во Црна Гора.
Инаку, почитува многу боксери од регионот, а многу сака да го победи Милован Секуловиќ од Црна Гора.
- Би сакал да го победам него. Тој е сега сениор, па ќе мора да почекам до следната година – вели младиот боксер.
Вели дека најдобри боксери од регионот има во Косово, Србија и Хрватска, но и во Унгарија.
- Мора и Македонија да обрне внимание на овој спорт бидејќи има многу млади што може да бидат светски боксери. Прво треба да се овозможат подобри подготовки за првенствата, со добри спаринзи, тренинзи и секако да се издвојат повеќе финансии за боксерите - вели Хурмет.
Победа на првата борба
Тој планира да се запише на факултет следната година, но сѐ уште не одлучил што ќе студира. Во меѓувреме работи во кафуле на бензинска пумпа бидејќи сака самиот да заработува. Најголема гордост им е на неговите родители, двете сестри и братот. Никој од семејството не се занимавал со бокс. Во маало го викаат Боксерот. Вели дека кога излегува на улица, децата го препознаваат и веднаш прават тупаници со рацете за да го поздрават.
- Од боксот не може да се заработи во Македонија. Ме бараат и од странски клубови, од Франција и од Италија, но сѐ уште не сум одлучил дали ќе останам тука или среќата ќе ја барам некаде надвор од Македонија.