X
 25.02.2019 Живот

Како најсреќната нација во светот се справува со стресот?

Данска постојано се наоѓа на врвот на листата со најсреќни земји во светот. Луѓето од целиот свет се обидуваат да ја откријат тајната што се крие во нивниот збор што тешко се преведува - „hygge“ (хијга). Овој културен концепт, применлив и во студени и во топли времиња, се однесува на удобноста, заедништвото и висококвалитетните интеракции. Идејата е човек да го намали темпото, да се релаксира и да го цени моментот на длабока поврзаност.

Но, освен овој збор, Данците користат уште едно „лингвистичко оружје“ за борба против стресот и фрустрацијата. Овој збор е толку популарен и моќен, што беше прогласен за најомилениот збор на нацијата за 2018 година од повеќе од 1.500 номинации.

danska
Фото: Alamy


За кој збор станува збор? Зборот „pyt“ (пуд).

Како се користи?

Според речникот за дански јазик, овој збор е поврзан со данската именка за „локва“ или „базен“. Кога се соочуваат со фрустрирачка ситуација што е надвор од нивната контрола, Данците честопати велат „пуд“ за да се ослободат од стресот што може да влијае врз нивното расположение.

Се наоѓате во сообраќаен метеж поради кој ќе задоцните? Пуд, ќе стигнете. Истуривте кафе врз вашата кошула? Пуд, се случува. Временската прогноза вели дека ќе врне, а вие сте испланирале забава на отворено? Пуд, пуд, ќе си поминете прекрасно.

Овие три букви им помагаат на Данците да се помират со ситуациите што не можат да ги променат.

Некои толкувања вклучуваат „Нема врска“, „Не грижи се“ или „Заборави“, но овие изрази не го пренесуваат позитивниот аспект на зборот. „Пуд“ се користи за да покажете дека ја прифаќате ситуацијата што е надвор од вашата контрола. Иако можеби сте изнервирани и фрустрирани, одлучувате да не ја трошите непотребно енергијата за да размислувате за тоа. Го прифаќате нештото и продолжувате. Пуд се користи и за да ги утешите другите луѓе.

Зборот е толку сакан и користен во Данска, што дури некои продавници продаваат големи копчиња на кои пишува „пуд“, кои луѓето можат да ги притиснат во стресни времиња како начин да ја намалат нивната грижа.

Наредниот пат, ако животот не оди според вашиот план или нешто е надвор од контрола, обидете се да ги ослободите вашите мисли, велејќи си „пуд“. Можеби ќе ја пронајдете магијата во овие три букви и тие ќе ви помогнат да продолжите понатаму и да го освоите сето она што животот ќе ви го постави како цел.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот