X
 25.03.2022 Наша тема

По скалилата на успехот со режисерот Игор Иванов-Изи: Најлесно е да правиш филм кога си млад и кога најмалку знаеш

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите
 
Како дел од генерација млади прогресивци, кои на почетокот на независна Македонија, во 90-тите години, донесоа нови ветришта во културниот живот кај нас, Игор Иванов-Изи во тој креативен, спонтан хаос и преплетување на идеи и емоции го нашол својот филмски курс, кој полека, но сигурно го донел до режисерското столче. Изи за себе вели: „Имав сосем други идеи за мојата иднина. Филмот кај мене дојде случајно. Јас сум автодидакт по прашање на филмската уметност, во буквална смисла на значењето на тој збор.“
 

Иванов зад себе има три долгометражни играни филма и низа епизоди во ТВ-сериите „Инсајдер“, „Преспав“, „Наше маало“, „Пет плус“, како и неколку кратки документарни и играни филмови. Неговиот краток филм „Бубачки“ беше во конкуренција на 54. Берлинале и ја доби наградата „Златен леопард“ на Филмскиот фестивал во Локарно. Во 2007 година неговиот прв долгометражен филм „Превртено“ беше презентиран на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, а тој ја освои наградата за најдобар режисер на „Mostra De Valencia“, филмскиот фестивал во Валенсија. Со последниот филм „Хомо“, Изи освои 7 меѓународни признанија.


фото: Александар Ивановски 


Психологијата, филозофијата и уметноста му биле преокупација

 
Во гимназиските денови, како ученик во средното училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“, вниманието и интересите на Изи биле насочени кон филозофијата, психологијата и воопшто уметноста. Тој бил решен да студира психологија, но татко му го поканил на другарски разговор со професорот Кирил Темков, кој успеал да го разубеди да студира нешто друго.
 

- Подвижни слики, филозофија и фини уметности. Тоа е мојот живот. Јас тогаш воопшто не се интересирав за филм. Имав сосем поинакви идеи за мојата иднина. Кога завршив гимназија, во тој период беше доста популарен психологот Скот Пек. Имав можност да читам неколку негови дела и преку него некако успеав да навлезам во подлабоките сфери на психологијата. На пример, во тоа време го читав и Виктор Франкл, па се обидував, иако како дете, да се справам со Адлер, со Јунг, со Фројд и имав огромна желба да студирам психологија. На една средба со професорот Кирил Темков, кој предаваше етика на Филозофскиот факултет, ми кажа дека е во ред да се запишам на психологија, но можеби катедрата на која тој предава ќе ми даде нешто повеќе што ми значи и ме интересира. Доста размислував, а голема улога одигра фактот што тогаш таму предаваа и Ферид Мухиќ, Ѓорѓи Старделов, Вера Ѓорѓиева. Една интересна лепеза на професори. Така се запишав на филозофија.


 
Со практично безбуџетен филм во иста конкуренција со Спајк Ли и Копола
 
Насетувајќи го гладот кај младите за нешто ново, креативно и интересно, Изи и група млади луѓе од Скопје го оформиле сега веќе култното радио „Канал 103“. Тоа радио нудело нешто различно, а токму таа уникатност им отворила нови можност на Изи и неговите соработници за ширење на креативните крилја кон други типови медиуми и навлегување во аудио-визуелните води. Некаде во средината на 90-тите години почнала филмската кариера на Изи, ни повеќе ни помалку, туку како дел од речиси безбуџетен филм номиниран во категорија со Спајк Ли и Френсис Форд Копола.
 
-  „Канал 103“ веднаш стекна огромна популарност. Тогаш не постоеше ниту една приватна радиостаница. Тоа радио понуди прогресивни идеи што беа важни за тоа време и така стана популарно радио со добра музика. Правевме забави во „Хард-рок“ кои беа многу посетувани и едноставно почнавме да градиме една нова сцена.

Потоа се отвори А1 телевизија и добивме покана да работиме таму. Ја прифативме и направиме музички серијал наречен „Сабвеј“, кој исто така беше популарен и одеше секој вторник навечер. Соработувавме со Драган Абјаниќ и со Александар Поповски. И така едноставно почнаа да се градат тие експериментални аудио-визуелни дела кои потоа почнаа да прераснуваат во филмови. Снимивме еден краткометражен игран филм наречен „Ќебето на Ацо Шопов“. Потоа снимивме еден документарен филм наречен „НЕП“, каде што заедно со Драган Абјаниќ бевме во улога на сценаристи и режисери и влеговме на фестивалот во Лондон. Тој фестивал беше многу значаен. Со тој наш практично безбуџетен филм бевме во иста конкуренција со Спајк Ли и Френсис Форд Копола. Ете таква среќа имавме таа 1995 година. И така некако почна мојата филмска кариера.  


фото: Роберт Јанкуловски



Патот до неговиот прв долгометражен филм „Превртено“
 
Благодарение на неговиот режисерски слух стекнат по тие неколку први кратки филмови, Изи почнал да добива сѐ повеќе понуди за работа на филм. Соработките и можноста да се научи од филмски работници од калибарот на Игор Нола, Горјан Тозија, Лаки Чемчев му ги прошириле хоризонтите и филмските апетити, а сите овие искуства, соработки и дружења се само предвесници на тоа што следува, односно неговиот прв долгометражен филм. 
 
- По моите први проекти работите почнаа да се кристализираат. Почнав да добивам понуди за работа како режисер. Почнавме со неколку реклами, музички спотови. Потоа од Филмска младина ми понудија да снимам филм. Им дадов сценарио, тие го прифатија и така го снимив првиот филм на 35-милиметарска лента наречен „Часовник“. Тоа беше во 1997 година, а филмот отиде на неколку фестивали и освои награда во Советот на Европа.
 
Многу луѓе се значајни во развојот на секој човек. Многу научив од луѓето присутни во мојата генерација. Од Игор Нола, Драган Абјаниќ, Горјан Тозија. Исто така од Лаки Чемчев, со кој имав можност малку да работам, така што и од него многу научив. И од моите другари Владимир Анастасов и Томи Салковски многу научив, а верувам дека и тие научија нешто од мене. Тоа беше генерација што градеше еден свој специфичен естетски профил што на крај го исполиравме во филмот „Бубачки“ и филмот „Превртено“, кој е мој прв долгометражен игран филм. „Превртено“ беше круна на таа наша соработка, која траеше доста години.

 


Многу е важно да не лажеме

 
Нема идеален рецепт за правење филмови, но според Изи, постојат одредени принципи по кои мора да се води секој режисер и воопшто сите што се вклучени во процесот на креирање на филмот. „Да се работи на филм е привилегија секаде во светот. Не е случајно што филмовите се карактеризираат како монументални дела“, вели тој и додава дека сѐ е тешко во креирањето филм и дека секаде во светот е така.
 
- Прво што е многу важно е дека не смееме да лажеме. Ние што ја создаваме најголемата лага и илузија, луѓето што се занимаваме со филм и аудио-визуелни уметности, не смееме да се лажеме меѓу себе, а најмалку од сѐ имаме право да ја лажеме публиката. Таа не простува кога ја лажеш. Второ, мора постојано да се гледаат филмови. Но не само филмови. Треба да се следи актуелната сцена на локално и на светско ниво. Трето, секоја кинематографија, секој режисер, треба да твори во рамките на националната кинематографија. На пример, Алмодовар е од Шпанија и нема разговор околу тоа. Ларс фон Трир говори за Данска.
 

Во Европа не постојат жанрови. Барем на фестивалите, ретко ќе видите жанровски филмови, 99 отсто се ослободени од жанр и се драми. Моите филмови се драми, социјални драми, социјално- романтични драми. Сметам дека филм се прави на ист начин секаде во светот. Принципот е ист. Секој филм е огромен проект, без разлика на неговата финансиска конструкција. Сѐ е тешко во креирањето на филмот. Игран филм, тоа е како еден огромен брод кој треба да премине преку океан, а какви ќе бидат водите и ветриштата, никој не знае.


 
Колку повеќе знаеш, толку потешко станува
 
Изи три децении е дел од филмската индустрија и вели дека од негов аспект сѐ е исто при правењето на филмовите. Тој дури посочува дека единствено што е променето е чувството, односно возбудата што ја давале старите филмови на лента, а новата дигитална технологија не го овозможува тоа.
 
- Јас никогаш не сум сакал да имам неограничен буџет. Секое сценарио и секоја идеја на еден режисер си имаат оправдување, надвор од тоа што се нарекува пари. Кога станува јасно дека филмот треба да се снима, а не е само порив на режисерот, туку е потребен за да го видат луѓето бидејќи носи пораки што се универзални, тогаш тој филм ќе го најде патот до светлината и ќе биде реализиран. Компромисот не е непријател, туку нѐ тера да најдеме уште покреативен начин на кој ќе ја изведеме сцената.  
 
Најлесно е да правиш филм кога си млад и кога најмалку знаеш. Колку повеќе знаеш, толку потешко станува. Во оваа работа едно е тоа што се нарекува занает, односно граматика на филмскиот јазик, додека режијата како уметност подразбира многу други работи. Тука мислам на животни искуства и други видови уметност, а не само на филмот. Кога ги црпам референциите, гледам да се од други уметнички гранки, а не од друг филм, дали тоа е книга, театарска претстава и сл.
 


Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема