Во документарната програма публиката ќе може да ги види „Медена земја“
во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, „Приказна за една
зграда“ (последниот филм на Билјана Гарванлиева и Мануел Зимер), „Писмото
ми го донесе шампионот“ во режија на Александар Манасиев и Мирко
Трајановски
Вкупно 22 македонски филма снимени минатата година ќе бидат прикажани на второто издание на ревијата на македонски филмови „Златна рамка“ што ќе се одржи од 14 до 16 февруари во Младинскиот културен центар во Скопје. Под мотото „Во наш филм“, филмовите ќе бидат поделени во три програмски целини - долгометражни, краткометражни и документарни филмови.
- Кога ќе се одржува фестивалот, веќе ќе се знае дали сме освоиле „Оскар“. „Златна рамка“ е еден вид отчет пред домашната публика, која ќе има можност да ги погледне сите домашни филмови од минатата година, од кои некои не се прикажуваат на редовен репертоар во киносалите. Во фокусот на ова издание ќе биде успехот на македонскиот филм - речe Ана Василевска, уметнички координатор на „Златна рамка“.
„Златна рамка“ не е од комерцијален карактер и проекциите ќе бидат бесплатни. Иницијатор и организатор на ревијата е Друштвото на филмските работници во соработка со Агенцијата за филм и МКЦ.
Претседателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи, рече дека друштвото е пред јубилеј од 70 години постоење и оваа година си поставиле предизвици.
- Да се официјализира/дефинира статусот на филмските работници, што е од круцијална важност за оваа индустрија, како и редефинирање на начинот на финансирање на македонските филмови. Филмската индустрија во Македонија покажа дека може, а сега на потег се институциите и секоја поддршка е добредојдена - вели Иванов.
Во документарната програма публиката ќе може да ги види „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, „Приказна за една зграда“ (последниот филм на Билјана Гарванлиева и Мануел Зимер), „Писмото ми го донесе шампионот“ во режија на Александар Манасиев и Мирко Трајановски и др. Во долгометражната програма ќе бидат прикажани „Врба“ на Милчо Манчевски, „Незаборавната пролет во заборавено село“ од Куштрим Бектеши, „Втора шанса“ на Марија Џиџева, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Митевска.
Ана Василевска и Игор Иванов-Изи
Во рамките на ревијата ќе се одржи Свечено собрание по повод 70 години од основањето на ДФРМ, промоција на брошура наречена „Прирачник за филмаџии“, чија цел да се постигне јазично стандардизирање на филмската номенклатура, трибина со наслов „Жената во македонскиот филм“. Во сабота ќе има свечено доделување на почесни награди за филмските професионалци: најдобар филмски автор, филмски актер и филмски работник.