X
 25.09.2020 Образование

Во едни општини се набавуваат компјутери за децата што немаат, во други – здравје

Прашавме во неколку општини како ќе се погрижат за децата да го добијат она што им е неопходно за следење настава

Државата нема да набавува ИТ-уреди за основците и за средношколците со кои треба да следат онлајн-настава од 1 октомври. Министерката за образование и наука Мила Царовска неодамна кажа дека е невозможно за кратко време да се набават 40.000 уреди, колку што се потребни за сите. Таа рече дека ќе мора сами да се снајдат во однос на набавката на овие уреди, а првенство имаат децата од социјално загрозени семејства.
Факултети.мк исконтактира со неколкумина градоначалници од помали и поголеми општини и праша дали ќе се погрижат децата да го добијат она што им е неопходно за да следат настава.



Лаптоп за секој советник во Чашка, за децата...


Неодамна Општина Чашка набави лаптопи за сите советници, токму кога се очекува приоритет на надлежните во државата да биде набавката на ИТ-уреди за учениците што немаат можност да ги купат. Градоначалникот Горан Стојановски вели дека било неопходно да се набават уредите за советниците затоа што без нив Општината трошела многу хартија, па сега тоа повеќе немало да се случува.
- Сега имаме интервента набавка на 150 лаптопи и тоа е за потребите на училиштата, а не за учениците. Тие се за професорите и за наставниците што ќе предаваат од училиштата, како што е планот. Вториот проблем ни е интернетот, односно брзината, и за тоа бараме решенија. Проблем е интернетот во Горно Јаболчиште и во Богомила, брзината е слаба. И главниот проблем е во тоа што ние на територија на општина имаме три централни и пет подрачни училишта, со над 1.000 ученици од прво до деветто одделение. Лани преку две фирми добивме 15 таблети кои им ги дадовме на децата. Точна бројка на потребни уреди немаме, но им требаат лаптопи на околу 300 деца, најчесто од социјално загрозени семејства или од многудетни семејства - вели Стојановски.

Според пресметките, за да се набават потребните таблети, потребни се околу 15.000 евра, пари кои Општина Чашка ги нема во буџетот. Стојановски не кажа дали ќе се бара помош од донатори за децата да ги добијат уредите.

Во Каменица лаптопи за наставниците, таблети за децата


Иако има општини со мали буџети, сепак, градоначалниците бараат начин да ги обезбедат уредите за децата чии родители немаат услови да ги обезбедат. Една од нив е Соња Стаменкова, градоначалничка на Македонска Каменица.

- Ние имаме мал број ученици во нашите училишта. Паралелките ни се мали, а училишните згради се големи, како и училниците. Мора да бидеме подготвени и за онлајн-настава. Во Македонска Каменица имаме 503 ученици во основно образование и 150 ученици во средно образование. Од нив околу 40 ученици немаат уреди. Во моментот со парите од блок-дотациите се набавуваат лаптопи за сите наставници и професори, кои се вкупно 70 во основното училиште и во гимназијата. За децата што немаат уреди ќе набавиме таблети и ќе најдеме начин да го средиме тоа. Во преговори сме со компании – рече градоначалничката.

Ќе успеат ли училиштата да ја користат платформата за онлајн-настава?

Карпош купува уреди за наставниците

Саша Богдановиќ, градоначалникот на Општина Центар, информира дека со пари од буџетот на Општината и со пари од донатори ќе бидат набавени компјутери за децата што немаат.

- Во нашата општина има 10 деца на кои им се потребни уреди за да следат онлајн-настава - рече Богдановиќ.



Прашавме каква е ситуацијата во Општина Карпош. Оттаму одговорија дека веќе обезбедиле подобра интернет-врска во училиштата што беа соочени со проблеми, а освен тоа, во тек била набавка на компјутери за наставниот кадар.

- Компјутерите за наставниот кадар се особено важни затоа што преку нив ќе се спроведува онлајн-наставата. При крајот на учебната година секое од училиштата достави список до Министерството за образование и наука со ученици на кои им се потребни ИТ-уреди. Учениците што немаат компјутер ќе можат да добијат печатена форма од наставните материјали во нивното училиште. Ова е период кој бара одговорност од сите вклучени чинители, затоа што никој не може да вети 100 отсто подготвеност - велат оттаму.

Учебната година ќе почне онлајн за најголем дел од учениците од повисоките одделенија.


Царовска рече дека училиштата каде што има деца без интернет-пристап или ИТ-опрема ќе имаат презентација на МТВ, каде што ќе гледаат 15-минути часови кои се поставени и на платформата. Ќе добиваат материјали од наставниците во печатена форма и потоа ќе ги враќаат во училиштето преку родителите.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование