X
 10.05.2019 Здравје

Тинејџер-антиваксер се зарази со сипаници откако ги тужеше властите зашто му забранија да оди на училиште

Тинејџер од Северно Кентаки, кој го тужеше локалниот оддел за здравство откако му беше забрането да оди на училиште бидејќи одбиваше да се вакцинира против овчи сипаници (варичела), сега се зарази со вирусот.

Џером Кункл е 18-годишен ученик и член на кошаркарскиот тим во неговото училиште. Неговото име стана познато откако го тужеше одделот на Министерството за здравство од Северно Кентаки затоа што им забранил на невакцинираните ученици да одат на училиште за време на епидемија на варичела.

Кога забраната стапила во сила, во училиштето имало 32 случаи на заразени со варичела, поради што имало потреба за контролирање на епидемијата. Властите решиле да им забранат на сите ученици што немаат доказ за вакцинација или имунизација против варичела да одат на училиште.

Одлуката не им се допаднала на Џером и на неговата длабоко религиозна фамилија.

- Ова е тиранија против нашата религија, нашата вера, нашата земја. Тој е казнет затоа што е здраво дете. Можеби никогаш нема ни да фати сипаници - истакна Бил Кункл, таткото на Џером.

Но, сепак, тинејџерот фати сипаници.

Адвокатот на фамилијата, Кристофер Вејст, потврди дека неговиот клиент Џером навистина се заразил со вирусот, но и покрај сериозноста на болеста (која во екстремен случај може да предизвика пневмонија, сепса и дури и смрт), фамилијата изгледа не жали за одлуката да не го вакцинира детето.

Но, оваа фамилија е само еден од клиентите на адвокатот. И неговиот правен совет за фамилиите што доаѓаат кај него и бараат мислење може да биде опасност за многу луѓе.

- Околу половина од моите клиенти се заразиле откако сме го поднеле случајот. Без двоумење им кажав на мајките и татковците дека најбрзиот начин за решавање на ова е да се заразат со варичела - вели адвокатот.

Додека заразувањето со вирусот е еден начин за обезбедување имунитет од понатамошни инфекции со варичела, медицинската заедница советува дека вакцинирањето е многу побезбедно.



Покрај тоа, гувернерот на Кентаки, Мат Бевин, беше критикуван откако призна дека доброволно ги изложил своите деца на вирусот.

Популарноста на овие опасни верувања за најдобриот начин за справување со варичела можеби е поврзана со тоа што вакцината против варичела беше воведена во 90-тите, што значи дека многу денешни родители растеле во ерата на „варичелски забави“, пред вакцинацијата да биде опција.

Но, од одделот за здравство од Северно Кентаки е разочарувачко тоа што адвокат, а не лекар, во 2019 година сè уште го препорачува ова опасно однесување на клиентите.

- Додека тактиката што ја сугерира Вејст може да му овозможи на лицето иден имунитет од варичела, ова заразено лице лесно може да го прошири вирусот на другите несвесни луѓе, вклучително и на оние што се особено ранливи на оваа потенцијално живото-загрозувачка инфекција. Охрабрувањето на ширењето акутна заразна болест во заедница демонстрира бесчувствителна безобѕирност за здравјето и безбедноста на пријателите, фамилијата, соседите и несвесните членови на јавноста - истакнаа од одделот.

Ништо од ова не го загрижува Џером, кој има мала мака со чешањето, но инаку е добро. Добра вест за него е наскоро ќе може слободно да се врати на училиште и да игра кошарка.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје