X
 26.03.2023 Наша тема

Рубин Стефанов продолжи по стапките на татко му Врбица: „Играв кошарка за македонски и турски клубови, а сега сум во италијански“

Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност.

Рубин Стефанов е седумнаесетгодишно момче од Македонија. Негова пасија е кошарката, со која се занимава уште од 10 години. Посетувал настава во скопското училиште „Јахја Кемал“ до шесто одделение, потоа играл за кошаркарски клуб во Турција каде што завршил седмо одделение, а осмо и деветто ги завршил во Италија, каде што моментално игра.

- Роден сум во Италија, во градот Сиена (Тоскана), потоа живеев во Македонија, а последниве четири години сум во Италија. Живеев две години во Римини, а од 2020 живеам во Канту (место во близина на Милано). Учам во градот Комо, кој е многу блиску до Канту, на само 10 минути оддалеченост. Поради близината, Милано и Канту често ги посетувам кога имам слободно време.. Школувањето ми е стипендирано од страна на клубовите. Зборувам турски, италијански и англиски, во Истанбул учев на турски, а сега во Италија на италијански јазик - раскажува Рубин.


Љубовта кон кошарката му ја всадил неговиот татко

Од својата десетта година Рубин тренира кошарка, а за пројавувањето интерес кон овој спорт е виновен неговиот татко.

- Љубовта кон кошарката ја имам наследено од мојот татко Врбица Стефанов. Од најрана возраст ги следев неговите натпревари и настапи за нашата репрезентација. Започнав во клубот „МЗТ Скопје“, со кој ја освоивме младинската лига. Потоа бев поканет да учествувам на турнир организиран од страна на клубот „Реал Мадрид“, со кој го освоивме турнирот „Ла Рода“. Од 12 години сум дел од македонската младинска репрезентација, а од 16,5 години сум дел и од сениорската репрезентација.

Во својата кошаркарска кариера Рубин има оставено печат во турскиот клуб „Анадолу Ефес“, како и во италијанскиот клуб „Римини Крабс“ и „Проџето Џиовани Канту“, каде што моментално игра.

- Во 2017 година заминав во Турција каде што играв за „Анадолу Ефес“ и се натпреварував за турската младинска лига, како и за турската школска лига која е доста силна и завршив како прв стрелец со најмногу поени. Потоа заминав за Римини, каде што играв за „Римини Крабс“ две години. Од 2021 година играм за Канту (Проџето Џиоване Канту). Играм во две лиги – серија Ц и У-19. Во Турција заминав поради добри услови за тренинг, повеќе натпревари и турнири кои беа многу важни за мојот напредок. Од Истанбул имам многу убави спомени. Италија е сосема различна, но имам подобри услови за тренинг, а воедно играм во две лиги од кои добив многу искуство. Кога сум во Италија, посветен сум на кошарката, двапати неделно имаме натпревари и многу патуваме. Со кошарката посетив многу градови во Европа и стекнав поголемо спортско искуство. Многу натпревари и случки ќе ми останат во сеќавање, но најмногу финалните натпревари со „МЗТ Скопје“ и „Анадолу Ефес“.


На прашањето кој е неговиот мотив, Стефанов одговори:

- Мојот мотив е да напредувам во кошарката и да заиграм во една од двете најсилни лиги во светот (Евролига и НБА).

Фото: приватна архива
Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема