X
 26.06.2023 Наука

Песните кои се хитови му прават нешто на мозокот, а тоа може да е иднината на музиката

Листите со песни генерирани со алгоритми на сервисите за музика како „Спотифај“ најдобро погаѓаат во каква музика уживате врз основа на тоа што вие и другите како вас слушате и што ви се допаѓа. Нова студија открива како тие листи може да се подобри на основа на тоа како вашиот мозок реагира на најновите песни.

Американски истражувачи тренирале алгоритми за машинско учење да анализираат одговори на телата на слушатели на музика и можеле да предвидат кои песни ќе им се допаднат на повеќето луѓе со точност од 97 отсто.

Сѐ што требало алгоритмите да направат било да ги измерат емоциите и вниманието на лицето посветени на песната, користејќи ја состојбата на нивната неврофизиологија како репрезентативна вредност. Колку подолго лицето било невролошки внесено во песната и колку помалку се повлекувало, толку поверојатно било дека песната ќе е хит.

Всушност, ова е многу подобар индикатор за успех на песна отколку тоа што некоја индивидуа ќе каже дали уживала во песната или не. Со други зборови, ако свесно уживате во песна, не значи дека другите луѓе исто така ќе уживаат. Сепак, можеби вашата потсвест знае подобро.

-Наместо да прашуваме корисници дали им се допаѓа нова песна, преносни невронски технологии, како оние користени во оваа студија, може автоматски да имаат пристап до невронската вредност на содржината - велат истражувачите.

Дури и ако алгоритмот е хранет со физиолошки податоци само една минута од песната, сѐ уште може да предвиди хит со точност од 82 отсто. Новиот метод има подобри резултати од сличните студии во кои се користеле скенови на мозоци за да се дојде до одговорите. Тие можеле да предвидат хит со стапка од околу 50 отсто.

-Со примена на машинско учење на неврофизиолошки податоци, речиси совршено можеме да идентификуваме хитови. Тоа што невронската активност на 33 лица може да предвиди дали милиони други ја слушале песната, е прилично неверојатно. Ништо приближно до оваа точност не било покажано порано - изјави невроекономистот Пол Зак.

Учесниците во студијата прво седеле во соба носејќи срцеви сензори и слушале 24 неодамнешни песни пуштени на звучници. 13 песни биле проценети како хитови од платформите, но учесниците не биле известени кои се тие. На крајот од експериментот, од групата било побарано да ги рангираат песните според тоа која им се допаѓа најмногу. Потоа податоците од сензорите биле внесени во комерцијална платформа која користи податоци од отчукувања на срцето за да изведе заклучок за состојбата на мозокот на лицето.

На пример, окситоцинот и допаминот се ослободуваат кога се чувствувате добро. Така, кога пеете или слушате музика, доказите посочуваат дека мозочното стебло често ослободува окситоцин, а кога посветувате повеќе внимание или се внесувате во нешто се ослободува и допамин и тој се врзува за префронталниот кортекс.

Читањето на мозочните сигнали преку срцето може да е начин за невропредвидување на хитовите. Порано имало обиди за правење на ова преку фокусирање на еден регион од мозокот, но истражувачите немале некој успех. Новата студија се фокусира на различни неврофизиолошки сигнали кои вклучуваат емотивни одговори, а користел и комплет алгоритми за машинско учење.

Студијата е објавена во „Фронтирс ин Артифишл Интелиџенс“.

Извор: Science Alert
Фото: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука