X
 26.12.2023 Економија

Годинава беше одлична за биткоинот, што се очекува во 2024 година?

На крајот од минатата година вредноста на биткоинот се движеше меѓу 16 и 17 илјади долари. Денес таа се движи околу 40 илјади долари. Може да се заклучи дека во текот на 2023 година биткоинот забележа пораст на вредноста од 150 до 160 отсто. Ова е значително повисоко од просечниот пораст на берзите, па јасно е дека интересот на инвеститорите за криптовалутите повторно се разбуди, туркајќи го пазарот во позитивна насока. Најголемите поборници за биткоинот повторно најавуваат уште поголем раст во 2024 година.

Постојат две главни причини за таквиот оптимизам. Првата е фактот дека американското регулаторно тело за хартии од вредност во јануари ќе донесе одлука за одобрување на првите јавни отворени инвестициски фондови чии акции ќе се тргуваат на берзата, а чија вредност ќе биде поврзана со биткоин. Позитивна одлука би можела да привлече многу нови инвеститори.

Се очекува во јануари барем некои инвестициски куќи да добијат одобрение за отворање сопствени фондови за биткоин. Инвестирањето во такви фондови носи ист ризик како и инвестирањето во биткоин, но сопствениците на акции во фондовите не би поседувале криптовалути, туку само дел од средствата на фондот, кој пак инвестира во биткоин. Но провизиите за инвестирање и излегување од такви фондови обично се пониски од провизиите во менувачниците, па се верува дека тоа ќе мотивира поголем број инвеститори.

Друг голем настан е очекуваното „преполовување“, односно намалувањето на таксите за копање биткоин на половина. Засега се проценува дека четвртиот ваков настан ќе се одржи на 16 април следната година. По тој ден, наградата на мрежата, која им се доделува на секои 10 минути на оние што копаат биткоин, ќе падне за 50 отсто.

Намалувањето на наградите за копање досега се случило трипати, во 2012, 2016 и 2020 година. Месеците кои му претходеа на „преполовувањето“, а особено оние по него, редовно беа обележани со зголемување на цената на таа криптовалута, па многу инвеститори веќе се подготвуваат ова да се повтори во 2024 година.

Сето ова дава нова надеж дека биткоинот повторно ќе се најде на рекордни нивоа, повисоки од оние на крајот од 2021 година.

Извор: Bug
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија