X
 27.06.2019 Здравје

Два милиона смртни случаи годишно се поврзани со неконсумирање овошје и зеленчук

Прелиминарните резултати на ново истражување укажуваат на тоа дека несоодветното консумирање овошје и зеленчук годишно во светот е одговорно за повеќе од 2 милиона смртни случаи, бидејќи предизвикува кардиоваскуларни болести.

Научниците што го спровеле истражувањето процениле дека приближно секоја седма смрт предизвикана од кардиоваскуларни болести може да се препише на недоволно консумирање овошје, а секоја дванаесетта на недоволно консумирање зеленчук.

Резултатите од истражувањето беа претставени на овогодишниот конгрес на Американското здружение за исхрана, а се однесувало на нутриционистичките податоци од 113 земји од светот.

1
Фото: 123rf

Според податоците од 2010 година, субоптималниот внес на овошје ја зголемува смртноста двапати во однос на субоптималниот внес на зеленчук во исхраната.

Врз основа на податоците од истата година, научниците откриле дека недоволното консумирање овошје секоја година во цел свет резултира со 1,3 милион смртни случаи од мозочен удар и повеќе од 520.000 смртни случаи од коронарни болести. Тие процениле и дека субоптималната употреба на зеленчукот резултира со околу 200.000 смртни случаи од мозочен удар и повеќе од 800.000 смртни случаи од коронарни болести, што е повеќе од 2 милиона смртни случаи.

- Овошјето и зеленчукот се важен фактор во исхраната и може да влијаат врз намалувањето на прерана смрт на глобално ниво. Резултатите од нашето истражување укажуваат на потребата за зголемување на напорите за на луѓето да им се истакне дека консумирањето овошје и зеленчук е исклучително важно - вели главната авторка на истражувањето, Викторија Милер.

Научниците потсетуваат дека овошјето и зеленчукот се богати со влакна, калиум, магнезиум, антиоксиданси и феноли - состојки што го регулираат притисокот и холестеролот и ја одржуваат бактериската флора во цревата здрава и разновидна.

Оние што јадат овошје и зеленчук во помала мера се подложни на зголемување на телесната тежина, што повторно го намалува ризикот од развој на кардиоваскуларни болести.

- Глобалните приоритети, кога станува збор за исхраната, традиционално се внесување доволно калории во организмот, снабдување со витамини и намалување на додатоците како сол и шеќер - вели коавторот на истражувањето, Дариуш Мозафариан.

- Податоците до кои дојдовме укажуваат на потребата за зголемена достапност на намирници како овошјето, зеленчукот и мешунките, што е исклучително важно за глобалното подобрување на здравјето.

Врз основа на насоките за исхрана, истражувачите откриле дека оптималниот внес на овошје е 300 грама дневно, што е еквивалент на две помали јаболка, а оптималниот внес на зеленчук дневно, вклучувајќи ги и мешунките, е 400 грама дневно.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје