„Нетфликс“ го објави првиот трејлер за романтичната драма „Мај декември“ во режија на Тод Хејнс, кој е познат по филмовите „Керол“, „Безбедно“ и „Далеку од рајот“. Главните улоги во филмот ги толкуваат Џулијан Мур, Натали Портман и Чарлс Мелтон.
Филмот ја следи младата холивудска актерка Елизабет Бери, која ги посетува брачните партнери Грејси Атертон-Ју и Џо Ју за да се подготви за нејзината претстојна улога како Грејси. Грејси и Џо биле на насловните страници на таблоидите пред 20 години бидејќи Грејси започнала врска со Џо кога тој бил малолетник.
Филмот е инспириран од вистинската приказна за американската наставничка Мери Кеј Летурно, која сексуално го злоупотребувала својот 12-годишен ученик Вили Фаулау. Тие се венчаа во 2005 година откако таа беше пуштена на слобода.
Филмот ќе почне да се прикажува на „Нетфликс“ во декември.
Фото: Screenshot/YouTube