X
 27.10.2020 Живот

Зошто треба да се укине 8-часовниот работен ден?

Светот се приспособува на животот во пандемија и сите зборуваат за новото нормално. Но, што значи тоа кога станува збор за работата?

Коронавирусот нè принуди на огромен социјален експеримент. Повеќе луѓе работат од дома, користат алатки како „Зум“ за да се поврзат и се навикнуваат да не работат во канцеларија.

Сепак, кога ќе ги надминеме практичните пречки на „новото нормално“, треба да одговориме на подлабоко прашање: Како треба да изгледа типичниот работен ден кога нема потреба од патувања, распореди од 9 до 17 и отворени канцеларии?

Пред пандемијата вашиот живот најверојатно се вртел околу осумчасовниот (или подолг) работен ден. Но, во новата нормална состојба таа осумчасовна структура треба да биде првото нешто што треба да се промени.

- Три до четири часа континуирана, непречена длабока работа секој ден е сè што е потребно за да се види трансформациска промена во нашата продуктивност и во нашите животи - вели авторот Кал Њупорт.

Еве зошто:

1. Речиси никој не работи цели осум часа на ден


Не е важно колку време поминувате во канцеларија, големи се шансите да не работите продуктивно осум часа на ден. Наместо тоа, податоците и анкетите од целиот свет откриваат дека денешните работници се најпродуктивни најмногу 2 часа и 50 минути на ден.

Но, што е со другите пет часа? Тие се трошат на неработни активности, како што се читање вести или социјални медиуми, дружење со соработници, паузи, мултитаскинг и бесконечни состаноци.

rabota
Фото: Freepik

2. Квалитетот на работа (и среќа) нагло опаѓа по одреден број часови


Дури и ако се обидете да работите за да ги надоместите изгубените часови, нема да бидете продуктивни.

Според истражување на Универзитетот „Стенфорд“, производството и креативноста нагло опаѓаат по 50 часа работа во една недела. И станува полошо колку повеќе работите. Всушност, луѓето што имаат 70-часовна работна недела веројатно нема да бидат продуктивни во текот на тие 15-20 дополнителни часа.

3. Нашиот фокус е ограничен на блокови од 20 до 90 минути


Проблемот со долгите работни денови не е само во тоа што поминуваме премногу долго време на работа, туку и тоа што се обидуваме да го поминеме целото тоа време продуктивно.

Човечкиот мозок е повеќе како мускул отколку како компјутер. Не можете да му поставувате задачи без да му дадете пауза и соодветно време да закрепне. Како што објаснува научникот Ендру Смарт, идејата дека можете на неодредено време да го протегнете длабокиот фокус и времето на продуктивност до овие произволни граници е погрешна.

Наместо тоа, истражувањата покажуваат дека обемот на внимание почнува значително да опаѓа по 20 минути, додека на повеќето луѓе им е потребна пауза на секои 50-90 минути (нашиот мозок поминува низ нешто што се нарекува ултрадијален ритам на секои 90 минути, по што треба да паузираме).

4. Работењето помалку часови е поврзано со поголема креативност, па дури и подобро здравје


Добрата вест е дека можете да ги намалите часовите на работа и сепак да ги запазите роковите, да дадете значителен придонес и да останете поврзани со вашиот тим.

Уште подобро, докажано е дека работењето помалку часови (без оглед дали е четиридневна работна недела или пократка) ја зголемува продуктивноста, инспирира креативни идеи и ги одржува тимовите посреќни и поздрави.

Извор: Fastcompany.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот