Знаењето што е свест и како дошло до неа е клучно за разбирање на нашето место во вселената и она што го правиме со нашите животи, вели италијанскиот невронаучник и психијатар Џулио Тонони, кој својата кариера ја посветил на истражување на соништата и свеста.
Дали јастозите можат да чувствуваат болка на ист начин како луѓето? Знаеме дека имаат исти сензори, наречени ноцицептори, поради кои плачеме или се повлекуваме во себе кога сме повредени. И сигурно се однесуваат како да чувствуваат нешто непријатно. Кога готвачот ќе ги смести во зовриена вода, тие удираат со опашките како да се во агонија. Но, дали навистина се свесни за тоа чувство или станува збор за рефлекс?
Некои научници тврдат дека суштествата како јастозите немаат внатрешно искуство, во споредба со богатиот свет што се случува во внатрешноста на човечката глава.
Фото: Emmanuel Lafont
Кучињата се како луѓето, раковите се друга приказна
- Кучињата се однесуваат слично како луѓето; формата на нивното тело не се разликува премногу од човечката и имаат мозок што не е премногу различен од човечкиот. Затоа е поголема веројатноста и кучињата да ги гледаат и слушаат работите како нас - вели Џулио Тонони, невронаучник од Универзитетот „Висконсин-Медисон“.
- Но, јастозите се друга приказна.
Прашањето дали и другите мозоци се целосно различни од нашите - способни за свесност, е само една од многуте загатки со кои се соочени научниците. Кога првпат се појавува свеста за нашето сопствено битие? Зошто некој се чувствува токму така како што се чувствува? Дали компјутерите некогаш ќе живеат свој внатрешен живот?
Тонони можеби го има решението на оваа загатка. Неговата „интегрирана теорија на информациите“ е една од највозбудливите теории за свеста во последните неколку години. Иако сè уште не е докажана, таа дава хипотези што можат да се тестираат и што наскоро би можеле да дадат конечен одговор.
Знаењето што е
свест и како дошло до неа е клучно за разбирање на нашето место во вселената и она што го правиме со нашите животи, вели Тонони. Неговата фасцинација потекнува од тинејџерските денови, кога почнале да го интересираат етиката и филозофијата. На крај се одлучил за клиничка медицина.
- Постои нешто посебно во изложувањето на невролошките случаи и психотични случаи. Тоа ве присилува да се соочите со она што им се случува на пациентите кога ќе изгубат свест - објаснува Тонони, кој својата репутација ја стекнал преку истражување на соништата.
- Во тоа време не смеевте да зборувате за свеста - вели Тонони, кој првата итерација на неговата теорија ја објавил во 2004 година.