X
 28.04.2018 Здравје

Решете го тестот и дознајте дали патите од орторексија

Во текот на последните неколку години има сѐ поголем тренд на водење голема грижа за исхраната, а нутриционистите имаат сѐ поголема улога во плановите за исхрана. Иако овој тренд треба да биде позитивен, тој сепак може да доведе до голем број нарушувања во исхраната, од булимија и анорексија, до опсесивно јадење само здрава храна. Таа опсесија е дефинирана во 1997 година Стив Братман, а станува збор за компулсивно нарушување на однесувањето за време на кое поединецот е опседнат со здрава исхрана и поголемиот дел од времето е фокусиран на планот за исхрана.

Луѓето кои се орторексични стравуваат од негативните ефекти на одредена храна, па затоа ги елиминираат и престануваат да ги консумираат. Тие се убедени дека промовираат здрав живот, но се случува спротивното - самонаметнатите рестрикции ги ограничуваат на одредени намирници и на тој начин негативно се влијае на правилното функционирање на организмот.

Орторексијата е многу застапена меѓу младите луѓе кои, преку елиминирање на одредени намирници, всушност си скратуваат одредени хранливи состојки и тоа може негативно да влијае на нивниот развој и раст.

Кај орторексичните лица, диетата станува се поизразена и строго дефинирана, што може да предизвика нарушувања во функционирањето на организмот. Многу луѓе кои во нивниот план за исхрана вложуваат многу труд и напор и прават измени и ограничувања исфрлувајќи одредени намирници или цела група намирници, негативно влијаат на нивното здравје, а не забележуваат.

Орторексијата може да се појави дури и ако одлучите да јадете здрава храна или ако верувате дека одреден начин на исхрана ќе го намали ризикот или ќе ги ублажи симптомите на друга болест.


Фото: N1

Карактеристики на лицата со орторексија:

  • Создаваат сопствени правила за храна.
  • Поголемиот дел од времето во фокусот е начинот на исхрана.
  • Оброците ги планираат неколку дена однапред.
  • Носат храна со нив затоа што не можат да ризикуваат да јадат храна за која не се подготвиле или со чии состојки не се запознаени поради стравот од лоши намирници. 
  • Не можат да се контролираат.
  • Ако јадат оброк што не е според нивниот план за исхрана, тие чувствуваат вина.
  • Поради вината, тие се казнуваат и ги прават нивните правила уште построги
Решете го тестот за орторексија и дознајте дали сте наклонети кон орторексија. Ако позитивно одговорите на најмалку четири од овие 10 прашања, постои можност дека веќе страдате од орторексија или одите во таа насока!

1. Дали поминувате повеќе од три часа дневно размислувајќи за здрава храна?

2. Дали забележувате како си ги планирате оброците неколку дена однапред?

3. Дали нутритивната вредноста на оброкот ви е поважна од уживањето во јадењето?

4. Дали квалитетот на вашиот живот е намален откако се зголеми квалитетот на вашата исхрана?

5. Дали во последно време сте построги во изборот на храна?

6. Дали јадењето здрава исхрана ви го подобрува чувството на самодоверба?

7. Дали заради консумацијата на „вистинската" храна се откажавте од храната во која уживавте?

8. Дали прехранбените навики ви предизвикуваат потешкотии во јадењето надвор од вашиот дом, оддалечувајќи ве од семејството и пријателите?

9. Дали некогаш сте чувствувате вина ако не ги испочитувате вашите правила?

10. Дали чувствувате целосен мир и контрола над себеси ако се храните здраво?

Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје