X
 13.01.2019 Живот

Опсесијата со фотографирање ни ги менува спомените од минатото

За многу луѓе правењето стотици или илјадници фотографии е клучен дел од одењето на одмор - документирање на секој детаљ и постирање на социјалните медиуми. Но, како тоа влијае врз нашите спомени од минатото и врз начинот како се гледаме себеси?

За жал, психолошките истражувања на оваа тема се оскудни. Но, сепак знаеме неколку работи. Ги користиме смартфоните и новата технологија како архива за спомени. Тоа не е нешто ново - луѓето секогаш користеле надворешни направи како помошници кога се стекнувале со знаење и памтеле.

Пишувањето, секако, служи за оваа функција. Историските записи се колективни надворешни мемории.

Денес многу малку им се посветуваме на спомените - огромни количини им доверуваме на таканаречените облаци. Дури и нашите најлични настани генерално се снимени на нашите мобилни телефони. Наместо да запомниме што сме јаделе на нечија свадба, ние скроламе наназад за да ги изгледаме сите фотографии што сме ги направиле од храната.

Ова има сериозни последици. Фотографирањето на некој настан наместо да се биде внесен во него се покажа дека доведува до послабо сеќавање на настанот поради одвлекувањето на вниманието.

Потпирањето на фотографиите за да се запомни нешто има сличен ефект. Меморијата треба секојдневно да се вежба за да функционира добро. Меморијата е и ќе остане клучна за учење. Постојат и докази дека доверувањето на речиси сето знаење и меморија на облаците може да ја оштети способноста за помнење.

Сепак, има и ронка надеж во сето ова. Иако некои студии тврдат дека ваквиот начин на живеење нè прави поглупави, всушност ние ги менуваме вештините од тоа да сме способни само да помниме кон тоа да сме способни поефикасно да го менаџираме начинот на помнење. Тоа се нарекува метакогниција.

Но, додека фотографиите во некои случаи може да им помогнат на луѓето да запомнат нешто, квалитетот на меморијата може да е ограничен. Може појасно да запомниме како изгледало нешто, но тоа може да биде на сметка на други видови информации.

Премногу фотографии веројатно ќе направат да го запомниме минатото на фиксиран начин, блокирајќи ги останатите спомени.

Друго прашање е недостигот од спонтаност на фотографиите. Тие се планирани, позите не се природни и некогаш фотографиите се изобличени. Исто така, тие рефлектираат нарцистички склоности.

Важно е и тоа што селфињата и многу фотографии се јавен приказ на одредени ставови, намери и мислења. Со други зборови, тие не го одразуваат она што сме, туку она што сакаме да им го прикажеме на другите за себеси во моментот.

Ако се потпираме на фотографиите при помнењето на минатото, може да си создадеме изопачен личен идентитет заснован на сликата што сме сакале да ја промовираме пред другите.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот