Советот на СОНК расправал во врска со добиеното известување од Министерството за образование и наука, по што се консултирале со правници во врска со мирно решавање на споровите
Штрајкот во образованието е ставен во мирување. Ова денеска го истакна Јаким Неделков, претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура, по одржаната седница на Советот на СОНК.
Тој истакна дека ваквата одлука на Советот на Синдикатот доаѓа по добиено известување од Министерството за образование и наука со кое отпочнува постапка за помирување.
Како што вели тој, денеска Советот на СОНК расправал во врска со добиеното известување од Министерството за образование и наука, по што се консултирале со правници во врска со мирно решавање на споровите.
- Советот на СОНК и СОНК се легалисти и се за почитување на законите, од таа причина дел од одредбите водат кон тоа дека додека трае периодот на помирување и решавање на спорот меѓу двата спротивставени табори, доколку се работи за штрајк, истиот оди во мирување -истакна Неделков.
Тој додаде дека ако нема решение, штрајкот повторно ќе стане активен.
Откажан е и протестот на СОНК најавен за 4 мај годинава.