Грижата за околината се исплати во Еквадор, барем за корисниците на јавниот превоз во Гвајакил кои можат да „платат“ автобуски билет со пластични шишиња.
Новата шема насочена кон борбата против отпадот и загадувањето им овозможува на луѓето да разменуваат пластични шишиња што може да се рециклираат за пари за купување автобуски билети.
Пристанишниот град, кој се наоѓа во југозападниот дел на Еквадор, е втор најнаселен град во државата со 2,7 милиона жители, но создава најмногу отпад.
Фото: AFP/Rodrigo Buenida
Патниците што го користат автобускиот транзитен систем „Метровија“ сега се редат пред новоинсталираната машина чекајќи да ги растоварат своите пластични шишиња за кои добиваат по два центи за шише, а парите можат да ги потрошат на јавен превоз.
- Замислете: два центи за шише, за 15 шишиња добивате 30 центи - тоа е билет за „Метровија“ - вели еден патник.
Тоа е попрофитабилно од продавање шишиња во центар за рециклирање.
Еден 76-годишен пензионер кој живее надвор од Гвајакил плаќал 9 долари за такси за да стигне до градот. Но, со пластичните шишиња може да си овозможи автобуски билет.
Гвајакил произведува 4.200 тони отпад на ден, од кои само 14 отсто се рециклираат.
- Градот е полн со корупција и е валкан. Претходно не беше вака, беше почисто - вели 76-годишниот пензионер.
Но, постои еден проблем во сегашниот систем. Машините даваат пари за пластични шишиња, што значи дека не постои обврска парите да се искористат за автобуски билет.
Менаџерот на „Метровија“, Леополдо Фалкез, изјави дека компанијата работи на тоа.
- Доаѓаат нови машини што директно ќе даваат автобуски билети во замена за пластични шишиња - изјави тој.
Засега има само една машина, но има планови за десетина, сите да бидат поставени на автобуските терминали.
Пред две години локалната самоуправа поставила правила за производство, продажба и увоз на пластика со еднократна употреба, како што се кесите и сламките.
Војната на Еквадор против пластиката се прошири и во другите делови на државата, како што се главниот град Кито и Островите Галапагос..
Таму пластиката се распаднала во микрочестички кои биле проголтани од уникатната фауна што не може да се најде никаде на друго место на планетата.
- Треба да бидеме свесни за нивото на
загадување што го создаваме и за нивото на загадување што сме го акумулирале, така што колку порано преземеме мерки за справување на ова ниво на загадувањето, толку подобро - вели Фалкез.
По два месеца од почетокот на програмата се собрани повеќе од 24.000 шишиња.