X
 28.11.2021 Наша тема

Каратистот Емил Павлов освои сребро на СП, не се откажува од сонот да стане светски првак

Македонија првпат беше во финале на Светското сениорско првенство. Јас сум повеќе од 22 години во каратето. Ова е мој најголем успех, но и најголем успех за македонското карате, вели добитникот на сребрениот медал за Факултети.мк

Нашиот најдобар каратист Емил Павлов, по 22 плодни години поминати во спортот, неодамна го оствари својот најголем успех, а воедно и најголем успех на македонското карате досега, освојувајќи сребрен медал на Светското првенство во Дубаи. Павлов и претходно се има искачувано на подиумите на големите натпреварувања, а доволно е да се спомене дека тој е двократен европски првак (во Тампере во 2014 и во Нови Сад во 2018 година), двапати трет (во Монпелје во 2016 и во Гвадалахара во 2019 година), а освои и бронзен медал од Европските игри во 2015 година во Баку.



- За тие што не знаат, јас сум повеќе од 22 години во каратето. Ова е мој најголем успех, но и најголем успех за македонското карате. Македонија првпат беше во финале на Светско сениорско првенство – вели Павлов.

Морав да работам и да тренирам за да се издржувам


Павлов на седумгодишна возраст првпат го облекол кимоното и еве веќе 22 години е во интензивна врска со каратето. Тој е единствен од неговите тогашни другарчиња од основно училиште што останал упорен и не се откажал до спортот, сонувајќи уште на таа возраст еден ден да стане професионален каратист.

- На карате се запишав на седумгодишна возраст, кога бев второ одделение. Во моето училиште имаше карате-клуб и голем дел од другарчињата беа запишани, па и јас покрај нив отидов и ми се допадна овој спорт. Тогаш го засакав каратето и без никаква пауза активно тренирам веќе 22 години, а, за жал, сите мои другарчиња се откажаа. Јас сум израснат и роден во Штип и тука сѐ уште живеам и тренирам. Прв сум од моето семејство што професионално се занимава со спорт, затоа и без никакво форсирање почнав да тренирам, а од моите родители веднаш добив поддршка и за тоа сум им многу благодарен. Отсекогаш сум сонувал да бидам професионален спортист и успешен и секогаш се држев до тоа, но како течеа годините и како растев, немав некои резултати и паралелно студирав, со тоа што сѐ уште сум апсолвент на Филолошки факултет. Каратето не е многу платен спорт и затоа едно време морав паралелно да работам и да тренирам за да се издржувам, а за моја среќа, цела таа мака се исплатеше.



Сакам да им го пренесам знаењето на помладите

Дисциплина, професионализам и правилна исхрана се трите работи што Павлов ги посочува како клучни во еден тренажен процес. Во пресрет на секое големо натпреварување на кое учествува, тој е максимално фокусиран на задачата за што е можно повисок пласман. Вели дека не се откажува од сонот да стане светски првак, особено откако беше на чекор да го оствари тоа, кога во финалето на СП во Дубаи загуби од актуелниот олимписки шампион и најдобар каратист во оваа категорија, Французинот Стивен да Коста.

- Можам да кажам дека постојано сум во тренажен процес. Разликата е во тоа што кога имам натпревари, интензитетот на тренинзите е уште поголем. За врвни резултати мора да има правилна исхрана, бидејќи така сме продуктивни на тренинзите и за време на натпреварите. Пред сѐ, треба да се има и голема дисциплина и професионализам. Додека се подготвувам за турнир, максимално сум посветен на тренинзите и на правилниот одмор.
Овој медал од Светското првенство беше неостварен сон за мене, но отсекогаш сум сакал да станам светски првак и овој пат бев многу блиску до тоа. Во наредниот период ќе тренирам понапорно со цел на следното светско првенство да стигнам до титулата. Инаку, по завршувањето на кариерата, кога и да биде тоа, се гледам како тренер затоа што сакам да им го пренесам знаењето и искуството на помладите, за еден ден некој од нив да ме надмине во успесите.
За жал, во овој спорт нема многу финансии и мислам дека и во другите индивидуални спортови е истото. Додека сме млади, таа стипендија што ја имаме е доволна за одредени секојдневни трошоци, а за сѐ друго не е доволна, па затоа голем број спортисти кај нас мораат да тренираат и да работат нешто друго истовремено.



Фото: приватна архива
Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема