X
 21.11.2023 Здравје

Пронајдена врска помеѓу нанопластиката и Паркинсоновата болест

Нанопластиката претставува мали делови од пластика, најчесто со големина од најмногу 100 нанометри. Во последните години расте грижата за ефектите на нанопластиката врз околината и човечкото здравје. Поради големината, нанопластиката може да влезе во организмот на клеточно или молекуларно ниво.

Во ново истражување се покажува дека нанопластиката предизвикува промени во мозокот кои се поврзуваат со Паркинсоновата болест и одредени форми на деменција. Овие промени се предизвикани од спојувањето на нанопластиката со специфичен протеин кој природно го има во мозокот.

- Паркинсоновата болест се нарекува најбрзорастечко невролошко нарушување во светот - вели истражувачот Ендру Вест, кој е професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Дјук“.

Како што вели тој, повеќе податоци покажуваат дека околинските фактори можеби играат голема улога во развивањето на оваа болест, но останува допрва да бидат идентификувани.

Во истражувањето, научниците откриле дека собирањето на протеинот алфа-синуклеин се поврзува со користење пластика за една употреба, која често е составена од наночестички од полистирен. Алфа-синуклеинот е првенствено познат по неговата поврзаност со Паркинсоновата болест и други невродегенеративни нарушувања.

Научниците имаат уште прашања за оваа врска и поврзаните процеси, но истражувањето покажува дека има потреба подобро да се истражат здравствените ефекти на нанопластиката.

Извор: Interesting engineering
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје