X
 29.10.2020 Живот

Надвор сите со маски. Kазни од 20 евра за тие што не носат, од 50 до 500 евра ако не почитувате самоизолација

Законот предвидува и забрана за групирање на јавен простор (паркови, јавни површини или која било површина на отворено) во одредени периоди од деноноќието

Казна од 20 ќе плати секој што надвор ќе се шета без заштитна маска или марама, дури и ако е сам, предвидуваат измените на Законот за заштита на населението од заразни болести што Собранието ги усвои синоќа. Тие ќе стапат во сила по објавувањето во „Службен весник“.

Законот предвидува да се носи респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично при:

- излегување надвор од домот, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип;
- на пазари;
- во јавен превоз;
- при влез во затворени простори (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекалници, здравствени установи и слично).

Заштитна маска не мора да носите ако:

- спортувате на отворен простор или на затворено со почитување на специфичните протоколи за заштита (дистанца, дезинфекција и слично);
– се возите во приватно патничко моторно возило, ако возачот е сам или со лице/лица со кој/кои живее во заедница;
– престојувате во двор на семејна куќа, сам или со лице/лица со кој/кои заедно живее во заедница;
- седите во угостителски објект со почитување на специфичните протоколи за заштита (дистанца, дезинфекција и слично);
– користите друг тип заштитна опрема специфична за определено работно место;
- ако лицето е помладо од 6 години (дете);
- ако имате специфична здравствена состојба, лицето е со посебни потреби или со пречки во развој, поради што носењето лична заштита на лицето би било проблематично или контраиндицирано.

- За неносење маска на отворено предвидена е парична казна од 20 евра. Законот ja регулира и самоизолацијата, односно таа е задолжителна при тестирање за Ковид-19 од закажување на тестот или самото тестирање до добивање на резултатот и продолжува доколку резултатот е позитивен. За прекршителите на членот од Законот кој ја регулира самоизолација предвидена е казна од 50 евра, а тие што ќе се групираат на отворено ќе платат казна од 500 евра - соопшти Собранието.



Законот предвидува и забрана за групирање на јавен простор (паркови, јавни површини или која било  површина на отворено) во одредени периоди од деноноќието. Мерките траат додека постои опасност од ширење на епидемијата. На предлог на Министерството за здравство, Владата одлучува кои од мерките ќе се применат, случаите во кои ќе се применат и за кој временски период.

Законот го регулира и лекувањето на лицата заболени од Ковид-19. Освен лекување во јавните здравствени установи, по медицински индикации болните можат да се лекуваат и изолираат и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија или во домашни услови, доколку за тоа постојат услови. За да лекуваат пациенти од Ковид-19, приватните здравствени установи треба да имаат согласност од Министерството за здравство и дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија. Доколку во државните установи се исполнети капацитетите за лекување на болни од Ковид-19, по претходно дадена согласност од Министерството за здравство лекувањето на лицата може да се врши и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот