X
 04.05.2019 Култура

Успехот на еден филм многу зависи од монтажата, интервју со Алета фон Фитингхоф

Често пати брзо станувате слеп за недостатоците. Многу ценам кога на режисерите можам да им покажам готови сценски предлози, на чија основа потоа заеднички работиме

Задачата на монтажерот е многу поврзана со дипломатијата. Како монтажер, мора да умеете да им пристапите на луѓето, вели Алета фон Фитингхоф, позната монтажерка од Берлин. Со обемна биографија зад себе, препознатлива по стилот на работа, таа има добиено многу награди, а една од нив е за филмот „Жешко столче“, кој на Берлинскиот филмски фестивал беше прогласен за најдобар филм. Фон Фитингхоф е гостинка на 14. Фестивал на новиот германски филм кој е во тек во Скопје.

Алета фон Фитингхоф

Монтажа - една од суштинските алатки на филмската уметност, за која најчесто гледачите воопшто не се свесни. Велите: „Филмовите може да бидат големи, може да бидат мали, но ако ве допрат, тие ќе извршат влијание“. Каде е тука улогата на монтажата?

- Монтажата не е едноставно разумно или логично подредување на слики. Со монтажата настанува емоционално водење на гледачот преку филмот. Тој се грижи за месна, тематска и психолошка ориентација. Тоа гледачот не го перципира свесно, но успехот или неуспехот на еден филм е во голема мера поврзан со монтажата. Секако дека сите луѓе функционираат различно, но задача на монтажерот е да размисли која е целната група на филмот и како најдобро емоционално може да се стигне до неа.

Фото: Вангел Тануровски

Како одредувате каде е крајот на една сцена или кадар во филмот? Колку личниот сензибилитет на монтажерот игра улога во финалниот изглед на филмот?

- Ако смеам да го цитирам Стенли Кјубрик: Сé постоеше, слика, тон, музика, но подредувањето на сите овие елементи го создава филмот, а во тоа се состои работата на монтажерот.

Колку Ви е важна слободата во работата? Или секогаш режисерот го има последниот збор?

- Задачата на монтажерот е многу поврзана со дипломатијата. Како монтажер мора да умеете да им пристапите на луѓето. Често ми се случува режијата да има друго мислење, но во текот на монтажата сепак да се вратиме на мојот првобитен став. Но и обратно. Често морав да признам дека идејата на режисерот подобро функционира. На креативните процеси им треба време и простор. Како монтажер, јас сум посредник помеѓу визијата на една режија и гледачите. Се разбира дека се обидувам да ја спроведам визијата на режисерот, и во случај кога постои двоумење, тој го има последниот збор. Во секој случај, начелно, има логика режијата да направи дистанца од снимањето пред да влезе во просторијата за монтажа.



Во идеален случај, јас сама ја правам првата груба монтажа. Обработката на сцените може да биде многу временски интензивна, но и многу здодевна за лицето што седи до вас, дури и за искусниот режисер, но магијата станува видлива, работата што се крие зад монтажата на некоја сцена. Често пати брзо станувате слеп за недостатоците. Многу ценам кога на режисерите можам да им покажам готови сценски предлози, на чија основа потоа заеднички работиме. Во секој случај, зависи и од конкретниот проект. Може да е голема предност заедно со режисерот да го поминеме првиот материјал. Особено кај документарните филмови. Или кај импровизираниот материјал. Како на пример кај „Жешко столче“. Таму заедно изгледавме сè со режисерката и потоа заедно ги обработивме сцените. Од една страна, тоа значително ја продолжи фазата на груба монтажа, но од друга страна, при фината монтажа двете бевме на иста линија.

Што ќе ѝ пренесете на публиката на Фестивалот на новиот германски филм што ќе се одржи во Скопје?

- Ова е прекрасна можност да се зборува за уметничката форма на филмската монтажа и да се зборува за често пати потценуваната работа на монтажерите. Во рамките на мојата работилница ќе дадам интензивен увид и приказ во монтажата на „Жешко столче“.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура