Денот на џез-музиката, 30 Април, годинава ќе биде одбележан на малку поинаков начин. Поради пандемијата, Здружението на џез-музичари (ЗЏМ) ќе приреди концерти во текот на цел ден кои ќе бидат достапни онлајн преку видеостриминг – на фејсбук-страниците на
Град Скопје и на
Младинскиот културен центар.
Во текот на целиот ден ќе настапуваат врвни македонски музичари и групи: соло-настап на Антоние Весковски, концерти на „Кабадајас“ и на „Зулу 3.4“, концерт на групата „Светлост“, како и на бендот на Михаил Парушев и на групата „3ject“.
Љубителите на џезот ќе слушнат и настап на ЗЏМ Колектив - комбо ансамбл составен од изведувачи кои се членови на Здружението на џез-музичари, веќе добро познати на македонската џез-публика. На труба ќе настапи Трајче Велков, алт саксофон - Кирил Кузманов, пијано - Гордан Спасовски, тапани - Гоце Стевковски и бас - Дарко Мучев. Како специјални гости на овој концерт ќе се појават Џијан Емин на пијано и Ѓорѓи Шарески на гитара. Ќе биде изведена
оригинална музика од членовите на ансамблот.
Од одбележувањето на 30 Април во 2018 година / Фото: Огнен Ацевски