X
 30.06.2026 Живот

Туширање за едно евро од минута, 50 центи за мраз во пијалакот: Сѐ повеќе скриени трошоци за туристите

Од туристички такси до дополнителна наплата за мраз во пијалакот или за сечење сендвич - патувањата низ Европа стануваат сè поскапи, а туристите сè почесто се соочуваат со трошоци кои не ги очекувале. Најновиот пример доаѓа од Шпанија, каде што на една плажа се тестираат тушеви кои се наплаќаат по минута користење.

Туширањето на плажа веќе не е бесплатно

На плажата Коста де ла Луз, во местото Маталаскањас во Шпанија, во тек е тестирање на таканаречените „паметни тушеви“ кои се плаќаат во готово или со скенирање QR-код. Оваа мерка е воведена со цел да се намали потрошувачката на вода, а се проценува дека минута туширање ќе чини околу едно евро. Тоа значи дека едно четиричлено семејство само за плакнење на солта по денот поминат на плажа би требало да издвои околу четири евра.

Новата практика не наиде на одобрување кај локалното население. Еден жител истакна дека ја разбира вредноста на водата, но праша дали сега мора да носи мобилен телефон под туш, додека други на социјалните мрежи коментираа дека со ваквите потези постепено се нормализира наплатата за сè. Меѓутоа, ова не е единствениот дополнителен трошок со кој се среќаваат туристите низ Европа.

„Коперто“ - ставка на сметката што често ги изненадува туристите


Во Италија не е необично на сметката да се појави ставката „коперто“, односно надомест за послужување, користење прибор за јадење и заземање место во ресторанот. Иако кај нас се подразбира дека масата, приборот и кошничката со леб се вклучени во цената, во Италија оваа услуга дополнително се наплаќа, најчесто по неколку евра од човек. Некои туристи наведуваат дека со пијалакот им носат леб или грицки што не ги нарачале, а подоцна се наоѓаат на сметката.

Лежалките и чадорите сè поскапи

Престојот на плажа во многу европски летувалишта веќе не е бесплатен, особено доколку сакате лежалка и чадор. На одредени плажи во Палма де Мајорка ова лето цените се значително зголемени. Стандарден комплет лежалка и чадор сега чини околу 10 евра дневно, додека премиум лежалките достигнуваат и до 45 евра. За изнајмување луксузни кревети потребно е да се издвојат до 70 евра дневно.

Доплата за делење оброк

Сè повеќе ресторани се обидуваат да ги одвратат гостите од делење на едно јадење. Едно семејство во австриската покраина Горна Австрија било изненадено кога во пицерија прочитало известување дека пиците „се наплаќаат по лице“, со што практично се оневозможува делење на еден оброк. Покрај тоа, некои ресторани во Австрија наплаќаат и дополнителна чинија за делење храна, а тој надомест може да изнесува и до 8 евра. Сличен случај е забележан и во Италија, каде што еден бар на езерото Комо предизвика многубројни реакции откако на гостите им наплатил две евра само за сечење еден сендвич на два дела.

Мраз во пијалакот? И тоа може да се наплати

Ниту мразот во пијалакот веќе не е вклучен во цената. Една туристка на шпанската Коста дел Сол нарачала ладно кафе, а на сметката забележала дека две коцки мраз дополнително ѝ биле наплатени 50 центи. Сопствениците на угостителските објекти објаснуваат дека зад овој навидум занемарлив додаток се кријат трошоците за индустриските апарати за мраз, електричната енергија, персоналот и одржувањето на објектот, поради што некои одлучуваат посебно да го наплаќаат мразот.

Дополнителна наплата за постелнина и крпи

Иако повеќето гости очекуваат дека постелнината и крпите се вклучени во цената на сместувањето, одредени апартмани и хотели  посебно ги наплаќаат овие услуги. Еден турист опишал дека дури по пристигнувањето во хотел во Фиренца сфатил дека постелнината и крпите дополнително се плаќаат бидејќи таа информација била наведена со ситни букви при резервацијата. Друг гостин навел дека при престојот во Рим платил дополнителни 34 евра за постелнина и крпи за три лица.

Иако поединечните надоместоци често изгледаат симболично, нивниот збир може значително да ги зголеми вкупните трошоци за патувањето. Поради тоа, експертите им советуваат на туристите пред резервација на сместување или заминување во ресторан внимателно да ги прочитаат условите за користење на услугите и ценовниците, со цел да избегнат непријатни изненадувања на крајот од одморот.

Извор: BIZlife.rs
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот