Климатските промени повеќе не се тема на иднината, тие се случуваат сега. Додека Европа бележи рекордни температури, а Франција, Шпанија, Германија и Италија ги уриваат историските рекорди, Балканот се соочува со нов топлотен бран и температури кои се приближуваат до 40 степени. Граѓаните сè почесто ги слушаат поимите омега блок, топлотна купола, Ел Нињо и суперќелиски бури, но што значат тие и зошто метеоролозите предупредуваат дека екстремните горештини стануваат нова реалност?
Во новата епизода на поткастот на БУКА, метеорологот Милица Ѓорѓевиќ објаснува зошто Европа гори, што е омега блок кој го заклучи континентот под врел воздух, зошто по големите горештини доаѓаат разорни бури и дали зимите какви што ги паметиме станаа минато. Таа зборува и за климатските промени, рекордните температури, тропските ноќи, Ел Нињо и проекциите кои покажуваат како би можела да изгледа климата на Балканот во наредните децении.
- Екстремното сега навистина е нормално - вели Ѓорѓевиќ.
Според нејзините зборови, она што некогаш се случувало еднаш во десет години, денес се повторува речиси секоја година.
- Порано се случуваше да имаме горештина еднаш во пет или десет години. Денес речиси секоја година уриваме рекорди – било да станува збор за високи температури, суши, поплави или силни бури.
Што е омега блок и зошто ја „заклучи“ Европа?
Последните денови јавноста често го слуша изразот омега блок, метеоролошки феномен кој, според зборовите на експертите, е една од главните причини поради кои Европа буквално се „пржи“.
Ѓорѓевиќ објаснува дека омега блокот не е причина за климатските промени, но е причината поради која врелиот воздух со денови се задржува над истото подрачје.
- Тоа е силно поле на висок воздушен притисок кое не дозволува продор на посвеж и повлажен воздух од Атлантикот. Топол воздух од северот на Африка непрекинато пристигнува кон Европа и секој ден станува сè потопло.
Покрај омега блокот се јавува и таканаречената топлотна купола, поради која температурите од ден на ден дополнително растат.
Пристигнува пресврт, но не онаков каков што сите се надеваат
По врвот на топлотниот бран многумина очекуваат олеснување, но метеорологот предупредува дека освежувањето нема да дојде мирно.
- По вакви горештини речиси секогаш следуваат силни непогоди – поројни дождови, град, силен ветер и можност за материјална штета.
Како што објаснува, токму судирот на прегреаната земја, постудениот воздух и големото количество влага создава идеални услови за развој на суперќелиски бури.
Дали зимите какви што ги паметиме се завршени?
Едно од прашањата што денес си ги поставува речиси секој е дачи ќе бидат зимите повторно како некогаш?
Одговорот не е едноставен.
„Поголемиот дел од зимите ќе бидат потопли и со помалку снег. И понатаму ќе имаме студени продори и снежни периоди, но многу поретко и многу пократко отколку порано.
Таа додава дека се наоѓаме во еден вид климатска транзиција, поради што истовремено ќе сведочиме и на екстремни студови и на рекордни горештини.
Климатските промени не се теорија
Ѓорѓевиќ нагласува дека климатските промени не можат да се проценуваат врз основа на еден студен или топол ден.
-Ако го погледнеме последните триесет години, порастот на температурата на нашето подрачје надминува два степени во однос на референтниот период. Тоа јасно покажува дека климата се променила.
Таа потсетува дека пред десетина години климатолошките проекции предвидуваа дека Франција околу 2050 година ќе бележи температури над 40 степени, но тоа се случи веќе во 2026 година.
Метеоролозите очекуваат сè повеќе долготрајни топлотни бранови, повеќе тропски ноќи, почести суши, но и посилни бури по периодот на екстремни горештини.
- Не можеме повеќе да ја планираме иднината врз основа на клима каква што имавме пред 30 години. Мораме да планираме според она што допрва нè чека.
Фото: принтскрин/јутјуб