Само една доза од лекот „золгенсма“ на швајцарската фармацевтска компанија „Новартис“ чини 2,1 милиона долари, што го прави најскапото медицинско средство на светот.
Новиот лек за спинална мускулна атрофија стана важен двигател на видливо подобрите резултати во третото тримесечје, објавија производителите на лекот. Вкупните приходи на оваа компанија во третото тримесечје се зголемиле за 10 отсто, на 12,2 милијарди долари. Нето-добивката е зголемена за 8 отсто, на 2 милијарди долари.
Меѓу трите клучни двигатели на растот од „Новартис“ го издвојуваат лекот „золгенсма“, генска терапија за деца заболени од спинална мускулна атрофија, заедно со уште еден лек за псоријаза и артритис и еден за хронични срцеви
заболувања.
Во периодот од јули до септември лекот генерирал приходи од 160 милиони долари, наведуваат од компанијата, првпат објавувајќи конкретни бројки.
Половина од пациентите што денес го примаат овој лек порано се лекувале со конкурентски производ на американската „Биоген“.
Лекот имал успех во САД, но сè уште чека одобрение од регулаторите во ЕУ и во Јапонија. Извршниот директор на „Новартис“, Вас Нарасимхан, тврди дека тоа нема никаква врска со неодамна објавените извештаи за наводна манипулација со податоците од истражувањата.
Сепак, признава дека има уште отворени прашања во врска со неговото производство.