X
 30.10.2024 Наша тема

„Тоа што живеев во различни земји ми ја разбуди љубопитноста за дипломатијата“, вели Благојче Лазаров, шеф на македонската делегација на Меѓународниот модел на ЕП

Петмина ученици од средното училиште НОВА од Скопје учествуваа на 60. издание на Меѓународниот модел на Европскиот парламент (iMEP), што се одржа од 12 до 18 октомври во Атина, Грција, а шеф на делегацијата на Македонија беше Благојче Лазаров, син на ракометната легенда Кире Лазаров.

Овој настан е дел од активностите што ги организира Европската Унија со цел да ги мотивира младите да се занимаваат со политика, дипломатија и меѓународни односи.

За настанот, покана доби и средното училиште НОВА, кое требаше да предложи петмина ученици и еден шеф на делегација, а изборот се падна на 18-годишниот ученик Благојче Лазаров.

- На овој настан има 10 комисии на кои се делат делегациите на државите присутни на настанот. Во тие комисии се разговара за најразлични теми, секоја комисија пред Собранието треба да претстави одреден број решенија за проблемите со кои се соочува ЕУ. Потоа во Собранието секоја комисија има право да предложи амандман и да ги искритикува предлозите. На крајот се гласаат тие резолуции и се формира документ со сите предлози, измени и решенија и се доставува до комисија во Европскиот парламент. Овој настан се одржува двапати во годината, еднаш е за државите членки на ЕУ, а вториот пат е за државите членки плус државите кандидати за членство и држави од светот, на пример, Австралија, Обединетото Кралство - истакна шефот на македонската делегација, Благојче Лазаров.



Тој потенцира дека во другите држави постои државна комисија која одредува кои ученици ќе учествуваат на Собранието. Во државите членки има и внатрешни симулации на настанот со цел да се одберат најдобрите, но во Македонија нема такво нешто.

- За жал, кај нас не постои систем во кој се одбираат најдобрите. Тие што учествуваат таму, кои доаѓаат од држави каде што постои орган кој е должен да ги испрати најдобрите, навистина имаат многу голем квалитет и знаење. Во државите од Балканот нема преголем интерес, поради тоа и Албанија и Црна Гора ги претставуваа ученици од други држави, а Хрватска, Романија и Србија воопшто ги немаше. НОВА е пример кога станува збор за присуство на вакви настани - коментира Лазаров.



Талентираниот ученик следи политика и меѓународни односи и токму поради тоа е избран за шеф на делегацијата, а верува дека тоа што живеел во неколку земји во Европа ја разбудило љубопитноста да ги истражува темите поврзани со дипломатијата и меѓународните односи.

- Верувам дека фактот што сум живеел во неколку држави, што сум бил дел од дијаметрално различни општества, сум бил опкружен со луѓе од различни етнички групи, различни уверувања, различни култури и што сум морал да се навикнам на различни системи, разбудило во мене еден вид љубопитност што ме натера да истражам, да се распрашам и да размислувам за теми поврзани токму со дипломатијата и меѓународните односи - вели Благојче.



Младите во Македонија не се толку инволвирани во политичките процеси и истражувања, иако трендот оди во нагорна линија. Лазаров се надева дека проектите како Младинскиот европски парламент ќе ги поттикнат младите да се приклучат и да придонесат со својата енергија.

- Според мене, многу е важно секој од нас да има барем малку општа култура кога станува збор за политика, дипломатија и меѓународни односи затоа што околу тоа се вртат сите аспекти што ги движат економијата, бизнисот и животот на секој граѓанин. Во однос на тоа колку треба младите да бидат инволвирани во политиката и во проектите од ваков тип, верувам дека самото тоа што сме сведоци на стагнација наместо на прогрес секаде низ светот, не само во Македонија, треба да биде поттик за младите да се приклучат и да придонесат со нивната енергија и визија за иднината - додава Лазаров.



По овие активности во младинската дипломатија се наѕира и интересот на Лазаров за студирање по завршувањето во училиштето НОВА.

- Благодарение на приватното средно училиште НОВА, успеав навистина да се посветам на тоа што го сакам. НОВА ми овозможи да присуствувам на ваков тип настани неколку пати. Целата делегација што бевме пратени во Атина сакаме да студираме нешто поврзано со меѓународните односи. Јас, на пример, сакам да студирам економија со политички науки. Верувам дека овој микс на студии ќе ми овозможат еден ден да дејствувам за доброто на нашата држава - откри младиот Благојче кој, исто како и татко му, ќе се обиде да придонесе за својата земја, но не преку спортот, туку преку меѓународните дипломатски односи.

Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема