X
 30.11.2022 Живот

По неколку дена без греење и скратени часови, проблемот е решен - од утре регуларна настава за учениците во Бутел

Поради прекин на греењето од топланата Скопје - Север, вчера во училиштата во Чаир и во Бутел наставата беше прекината. Родителите решиле да не ги пуштаат децата во школо поради ладните радијатори, а како што ни изјави еден родител, проблемот започнал минатата недела и часовите биле скратени.

- Наставата во Основното училиште „Петар Здравковски Пенко“ во населбата Скопје Север, веќе цела недела се одржува со скратени часови бидејќи во училиштето нема греење. Децата се смрзнуваат, седат во јакни, а вчера најголемиот број од родителите не ги пуштија децата во училиште, па наставата се држела со по 2-4 деца во одделение. Никој не знае да ни каже кога и како овој проблем ќе се реши и е прилично неизвесно како децата ќе ја надоместат изгубената настава – изјави родител на две деца што одат во тоа училиште.

Од Општина Бутел ни изјавија дека проблемот е решен и дека наставата ќе продолжи утре.

- Проблемот настана зашто училиштето е приклучено на парно греење на топланата Скопје Север. Таа е под државна капа. Беше стопирана испораката на топлотна енергија зашто градот Скопје и Министерството за екологија не издадоа дозвола да се користат алтернативни начини на греење, а тие имаа набавено мазут и нафта. Денес е решен проблемот. Ни стигна известување дека од утре ќе почнат со испорака на гас и настава ќе има.
Изминатите денови наставата беше со скратени часови, а од Општината беа обезбедени дополнителни грејни тела. Не е вина на Општината. Училиштето и Општината не должат ни денар кон топланата. Проблемот беше на централно ниво – изјавија за Факултети.мк од Општина Бутел.
Подготвил: Ж.З.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот