X
 30.12.2021 Здравје

Коронавирусот може да преживее во човечкото тело со месеци

Коронавирусот САРС-КоВ-2, кој ја предизвикува болеста ковид-19, може да стигне од дишните патишта до срцето, мозокот и речиси секој орган во телото за неколку дена. Меѓутоа, тој може да остане во телото со месеци, а долготрајниот ковид-19 може да се јави и кај лица што немале никакви симптоми, велат експертите.

Според истражувањето на научници од американскиот Национален институт за здравје, вирусот е многу патоген и има способност брзо да се размножува во телото на човекот. Истражувањето сè уште не било оценето од страна на независни научници.

Податоците се собрани врз основа на анализа на 44 пациенти кои починале како последица од симптоми на ковид-19 во првата година од пандемијата во САД. Експертите го откриле вирусот во повеќе делови од телото, вклучувајќи го и мозокот, дури 230 дена по првите симптоми.


Фото: Pixabay

- Не го разбираме целосно долготрајниот ковид-19, но овие промени би можеле да објаснат некои симптоми. Сè уште не е познато дали ковид-19 ќе предизвикува хронични болести во иднина. Не се знае дали преживеаните ќе страдаат од срцева слабост или ќе покажуваат некои знаци на рана деменција. На сите овие прашања уште немаме одговор - изјавила професорката Рејна Мекелнтајр од Универзитетот на Нов Јужен Велс во Сиднеј.

Во истражувањето, експертите ги правеле анализите врз основа на примероци земени за време на обдукција еден ден по смртта на пациентите. Истражувањето потврдува претходни теории дека вирусот директно убива клетки од срцевиот мускул и дека пациентите што ја преживуваат болеста страдаат од когнитивен дефицит, вели професорката Мекелнтајр.

Била направена и аутопсија на малолетен пациент, кој веројатно починал од неповрзани компликации, што покажува и дека заразените деца без тежок облик на ковид-19 може да имаат последици од заразувањето.

Извор: Eklinika
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје