X
 01.02.2022 Здравје

Ако омикрон има послаби симптоми, зошто се зголемува бројот на смртни случаи?

Низ светот се регистрираат рекордни бројки на новозаразени лица со коронавирусот, најмногу поради ширењето на сојот омикрон. Истовремено се зголемува и бројот на смртни случаи. Меѓутоа, научниците велат дека омикрон има послаби симптоми во споредба со делта-сојот и повеќе луѓе се вакцинирани сега. Тогаш, зошто сè уште умираат толку луѓе?

Омикрон се пренесува полесно од делта

Како што беше забележано и порано во пандемијата, бројот на смртни случаи се менува со движењето на бројот на новозаразени лица, па се забележува пораст во бројот на смртни случаи бидејќи има повеќе новозаразени, пишува Светскиот економски форум.


Фото: Pixabay

Омикрон се шири побрзо од делта. Некои истражувања покажуваат дека тој се пренесува четирипати полесно од делта. Понатаму, поголемиот дел од пациентите што умираат во САД не се вакцинирани.

Омикрон има послаби симптоми, но не е безопасен

Од Светската здравствена организација посочуваат дека добиваат информации дека омикрон има послаби симптоми од делта, но сепак е опасен вирус. Луѓето со други здравствени состојби, постарите лица и лицата што не се вакцинирани може да имаат тежок облик на ковид-19 по заразување со омикрон. Има луѓе што се хоспитализирани и умираат по заразување со омикрон.

Притисок врз здравствениот систем

Болниците низ светот се под притисок да им понудат соодветна грижа на сите пациенти. Во некои земји, како САД и Обединетото Кралство, биле испратени војници да им помогнат на болниците поради недостиг на работна сила.


Фото: Pixabay

Според анкетите, хоспитализациите поради ковид-19 рушат рекорди во некои сојузни американски држави. Оваа ситуација создава дополнителен притисок врз болниците кои веќе се преоптоварени бидејќи влегуваме во третата година од пандемијата. Кога луѓето не може да добијат соодветна грижа, поголеми се шансите за развивање потешки симптоми и смрт.

Што може да направиме за да се заштитиме?

Докторите ги повикуваат сите што не се вакцинирале да го сторат тоа бидејќи вакцината може да заштити од развивање тешки симптоми и нуди заштита од заразување, а со тоа го намалува ширењето на коронавирусот. Со оглед на тоа што вакцините не нудат комплетна заштита, се препорачува и почитување на мерките како физичко дистанцирање, носење маска која ќе ги покрива устата и носот, хигиена, одбегнување групи луѓе и тестирање.

Колку повеќе се шири вирусот, толку се поголеми шансите да се смени и да се појави нов сој кој може само да ја продолжи пандемијата и да предизвика повеќе смртни случаи. Можноста за појавување нови соеви е многу реална и големи се шансите дека новите соеви ќе се пренесуваат полесно, па затоа мора да се намали овој ризик.

Извор: World Economic Forum
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје