Опишан како дистописки роман во кој со измислената земја Гилеад управуваат мажи, сцените на реалноста се вртат пред нашите очи. Со оглед на настаните што се случуваат во светот, тешко е да се избегне фактот и заклучокот дека идеите на Маргарет Атвуд преточени во дистопискиот роман од 80-тите некако се близу до реалноста. Можеби не се вика Република Гилеад, но блиску сме до тоа.
Полска е жив пример за земја каде што стапи во сила закон со кој се забранува абортусот, освен во случај на вонматерична бременост и ако е загрозено здравјето на жените. И во Хрватска почнаа да се собираат потписи од пратеници за предлог-законот за заштита на човечки живот кој го дефинира животот од моментот на зачнувањето, па полската ситуација сериозно се приближува.
Иако во времето на пишувањето на романот Маргарет Атвуд не знаела дека нејзината книга „Приказната на робинката“ ќе стане хит-серија, ни ние како современици на ова дело не веруваме што се случува денес. Замислен како дистописки роман, делото „Приказната на робинката“ без многу размислување може да стане модерен реалистичен роман и со тоа целосно да го промени жанрот за време на животот на авторот.
Зошто е важно да се прочитаат „Приказната на робинката“ и неофицијалното продолжение „Завети“? Затоа што првото дело им навестува на помладите генерации и жени што може да се случи ако не зборуваат гласно. „Завети“, роман создаден во 2019 година, кој беше прогласен за најдобар роман од „Амазон“ и ја освои наградата од „Гудридс“, а доби и прекрасни критики од „Пипл“, „Гардијан“ и „Њујорк тајмс“, ја открива иднината на измислената земја Гилеад и поредокот по падот на теократскиот режим.
Фото: Screenshot/YouTube
„Приказната на робинката“ на Атвуд е дело што буди страхопочит, а кое ги раскажува минатото и сегашноста на главниот лик Џун. Времето пред Гилеад, поранешните САД, времето кое Џун го поминувала со своето дете и партнерот Лук и сега, времето во кое жената нема свое име. Таа е Офредова (бидејќи му припаѓа на Фред), во општество кое е кошмар за феминистките. Жените се под строг надзор, не смеат да работат и да имаат пари, и се поделени во касти, така што постојат сопругите без деца, домаќинките наречени Марта и слугинките кои раѓаат и своите новороденчиња мора да им ги дадат на сопругите.
Џун, првично со тивок бунт и кон крајот на романот со борбени дејства, станува свесна за општеството во кое растат нови генерации жени, вклучувајќи ја и нејзината отуѓена ќерка Никол. Џун е прогласена за закана, нејзиното однесување предизвикува сериозна грижа за будната стража и на крај таа е однесена. Секоја нејзина трага е изгубена, па на читателите им остануваат прашањата: Каде е Џун? Што се случи со неа и дали конечно ќе заврши режимот на Гилеад? Настаните по 15 години откако ќе ја одведат Џун се откриваат во продолжението „Завети“.
„Приказната на робинката“ и „Завети“ се меѓу задолжителните дела на популарната култура што ни даваат силен увид во светот предводен од мажи фасцинирани од омразата кон жените. Секоја жена, девојче, мајка, пријателка, во романите на Атвуд препознава дел од реалноста со која се соочува секој ден. Секоја жена мора да ги знае своите права и слободи, нејзиниот однос со други жени и мажи, нејзиниот однос со сопственото тело и дух. Ако самите жени не се променат, тие не можат да очекуваат мажите да ја препознаат нивната потреба за промена.
Извор:
Lolamagazin.com
Фото: Screenshot/YouTube