Заболувањата на периферниот нервен систем се дефинираат како оштетувања на функцијата и структурата на моторните, сензитивните и автономните компоненти на периферните нерви.
Потеклото на периферните невропатии може да биде најразновидно: метаболни, нутритивни, предизвикани од лекови или токсини, заболувања на сврзното ткиво (васкулитиси), инфективни или инфламаторни процеси, неоплазми, трауми или компресии и наследни заболувања.
Клиничката слика на оваа состојба е следна: болки, трнење, оштетување на длабокиот и површен сензибилитет, автономни и трофички промени на кожата, загуба на нејзините аднекси, невропатска болка и загуба на длабоките тетивни рефлекси.
Дијагноза се поставува врз основа на клиничката слика, невролошкиот статус и наодите од параклиничките иследувања, како што се електромионеврографија-ЕМГ, биопсија на нерв и мускул, и магнетна резонанса на мускуло-скелетниот систем (МРИ). Клиничката слика ни дава информации за почетокот, текот и времетраењето на болеста (акутен, субакутен или хроничен), како и тежината и дистрибуцијата на патолошкиот процес, невролошкиот статус дава информации за акумулираниот моторен и сензорен дефицит, додека неврофизолошките испитувања даваат информации за тежината на оштетувањето на периферните нерви.
Терапијата може да биде конзервативна, физикална и хируршка.
Во зависност од дистрибуцијата и зафатеноста на периферниот нервен систем, периферните невропатии може да бидат: мононевропатии, кога е зафатен само еден нерв, мултипни мононевропатии и полиневропатии.
Што се однесува до клиничката слика, меѓу мононевропатиите, најзастапена е мононевропатијата на n. medianus, која претставува компресија на истоимениот нерв, во карпалниот канал. На клинички план се манифестира со болки и парестезии во првиот, вториот, третиот и половина од четвртиот прст, кои се поинтензивни навечер и ноќе, може да се шират проксимално сѐ до рамото и го будат пациентот од сон. Во потешките стадиуми се јавува атрофија на мускулите и намалена груба моторна сила на зафатената страна.
Од полиневропатиите, една од најчесто застапените и клинички најзначајните е дијабетичната полиневропатија. Се јавува кај пациенти кои боледуваат од шеќерна болест. Најчесто ги инволвира нервите на рацете и нозете, а поретко и кранијалните нерви. Најчесто е застапена симетричната сензо-моторна невропатија која ги зафаќа претежно дисталните делови на рацете и нозете (дистрибуција која потсетува на чорапи и ракавици). Поретко се застапени изолираните мононевропатии, автономната невропатија и кранијалните невропатии. На клинички план се манифестира со болки и парестезии во дисталните делови на рацете и нозете, односно стапалата и шаките, неретко може да биде засегнат и длабокиот сензибилитет, а при моторна инволвираност се јавува слабост и атрофија на мускулите на потколениците и подлактниците. Парестезиите и болките се поинтензивни ноќе. За дијабетичната невропатија е карактеристична таканаречената невропатска болка, кој е доста упорна, а терапискиот одговор кон конвенционалните аналгетици е многу слаб. Меѓу другите полиневропатии вредни за споменување се и алкохолната (долгогодишно консумирање алкохол) и уремичната невропатија која се јавува кај пациенти со хронична бубрежна болест, потоа невропатиите во рамките на системски заболувања и паранеопластични синдроми.
При поставување дијагноза корисна метода е електромионеврографијата (ЕМГ). Тоа е случај кога станува збор за оштетување на периферниот нервен систем. Со помош на оваа метода се одредува за каков тип оштетување на периферните нерви станува збор. Со помош на магнетната резонанса се детектираат квалитетот и структурата на мускулното ткиво кое е индиректно зафатено од патолошкиот процес, потоа тумори, хернирање на дискуси и други процеси кои може да бидат причина за појава на периферната полиневропатија.
Споменавме дека има 3 вида терапија. Конзервативната терапија е симптоматска и се состои во ординирање лекови кои ќе го намалат интензитетот на невропатската болка, периферни миорелаксанти, антиоксиданси и витамини од Б-групата кои ќе влијаат на подобрување на функцијата на периферниот нерв.
Хируршката терапија се применува кај компресивните невропатии, како што е компресијата на n. medianus во карпалниот канал.
Физикалната терапија се состои во аплицирање физикални мерки кои ќе го ублажат или надоместат моторниот дефицит кој се јавува како резултат на оштетување на моторниот дел на периферниот неврон.
Автор: д-р Катерина Стојмановиќ, спец .по семејна медицина
ПЗУ Д-р Наташа Симоновска