„Нетфликс“ планира да им овозможи на гледачите сами да го изберат текот на дејството во популарната британска серија „Црно огледало“ (Black Mirror). Конкретно, гледачите ќе можат сами да изберат како ќе заврши епизодата. До крајот на годината „Нетфликс“ ќе лансира уште неколку вакви интерактивни специјални епизоди, не наведувајќи за кои други серии би можело да станува збор.
На почетокот интерактивна ќе биде само една епизода од новата сезона на „Црно огледало“, но подоцна би можеле да бидат повеќе, а наводно е склучен договор за создавање целосно нови серии во кои гледачите ќе можат сами да го избираат текот на настаните. Моментално не е познат датумот на премиерата на новата сезона, но судејќи според последните две сезони објавени во декември, петтата сезона би можела наскоро да биде најавена.
Фото: Netflix
Ова не е прва интерактивна серија во продукција на „Нетфликс“. Концептот прво го тестирале во анимираната детска серија „Puss in Book: Trapped in an epic tale“, каде што децата можеле да го изберат текот на настаните. Со оваа функција „Нетфликс“ би можел да обезбеди зголемено користење на неговата платформа, бидејќи љубителите на серијата би можеле да ги гледаат епизодите повторно и да ги истражат сите можни сценарија.
Продукцијата на ваквата содржина бара многу повеќе
време, напор и пари. Но, ваквите серии стануваат сѐ попопуларни. Минатата година Ејч-би-о ја емитува серијата „Мозаик“, со посебна мобилна апликација во која луѓето можеа да гледаат алтернативни случувања во одредени епизоди, со вкупно траење од 7,5 часа.