X
 04.01.2022 Наука

Ковид-19 го стимулира телото да произведува автоантитела што можат да предизвикаат хронични заболувања

Месеци по закрепнувањето од инфекцијата со САРС-КоВ-2, оздравените луѓе може да имаат покачени нивоа на антитела кои по грешка би можеле да ги нападнат нивните органи и ткива, дури и кај пациенти што имале благи или никакви симптоми, покажа новото американско истражување.

Истражувачите од Институтот „Седарс-Синаи“ во Лос Анџелес открија дека инфекцијата со вирусот што предизвикува ковид-19 може да предизвика имунолошки одговор кој трае подолго од почетната инфекција и закрепнување на пациентите, дури и ако тие немале тешка форма на болеста. Резултатите од истражувањето беа објавени во стручното списание „Журнал оф транслејшнл медисин“.

Кога некој е заразен со вирус или друг патоген, телото ослободува протеини наречени антитела, кои се таму за да детектираат туѓи материи кои ќе ги спречат да ги нападнат клетките на телото, но во некои случаи телото произведува автоантитела кои можат да ги нападнат сопствените органи и ткива.

Истражувачите од Институтот „Седарс-Синај“ открија дека луѓето што ја победиле инфекцијата со вирусот САРС-КоВ-2 имале широк опсег на автоантитела до шест месеци по целосното закрепнување.

Дури и пред оваа студија, научниците знаеја дека тешките случаи на ковид-19 може да го оптоварат имунолошкиот систем до таа мера што почнаа да се формираат таканаречените автоантитела, но ова е прва студија која укажува не само на покачени автоантитела по блага или асимптоматска инфекција, туку исто така и на нивната упорност со текот на времето.

Автоантителата се антитела кои телото ги создава на сопствените антигени. Во принцип, имунолошкиот систем ги разликува туѓите антигени од сопствените и дејствува само на туѓите.

Меѓутоа, понекогаш се развива имунолошка реакција против сопствените антигени (автоимунитет) и може да се појават разни автоимуни болести (на пр., системски лупус еритематозус, ревматоиден артритис, мијастенија гравис).

kovid
Фото: Freepik

- Ова знаење ни помага да објасниме што е тоа што ја прави ковид-19 толку уникатна болест - вели д-р Јустина Ферт-Бобер, научник од Одделот за кардиологија на Институтот „Седарс-Синаи“ и коавтор на студијата.

Студијата вклучила 177 здравствени работници со потврдени докази за прележување на ковид-19, кои закрепнале од болеста пред да стане достапна вакцината.

Научниците ги споредиле нивните примероци од крв со примероци земени од здрави луѓе пред пандемијата.

Се покажало дека сите учесници во студијата со потврдена инфекција САРС-КоВ-2 имаат постојани автоантитела, вклучувајќи ги и оние што можат да предизвикаат хронично воспаление и повреда на зглобовите, кожата и нервниот систем (лупус, ревматоиден артритис).

Некои од автоантителата што ги пронашле се поврзани со автоимуни болести кои обично почесто ги погодуваат жените отколку мажите, но во оваа студија мажите имале поголем број покачени автоантитела од жените.

Од една страна, овие резултати се парадоксални, имајќи предвид дека автоимуните состојби обично се почести кај жените, вели д-р Ферт-Бивер. Но, истовремено, тоа е донекаде и очекувано со оглед на тоа што знаеме дека мажите се почувствителни на најтешките форми на ковид-19.

- Во нормални околности, не би очекувале толку разновидно формирање на покачени автоантитела меѓу испитаниците, кои кај некои остануваат покачени и до шест месеци по целосното клиничко закрепнување - вели научникот Сузан Ченг.

- Сè уште не знаеме колку долго и дали и по шест месеци антителата ќе останат покачени и/или ќе резултираат со некои поголеми клинички симптоми. Важно е да се следи развојот на состојбата кај поединци - додава Ченг.

Ченг и нејзините колеги истражуваат дали покачените автоантитела се поврзани со симптоми кај луѓе со долгорочен ковид-19 и планираат да ги проучат нивоата на автоантитела по инфекцијата со понови варијанти на вирусот.

Извор: Cedar-sinai.org
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука