X
 04.03.2020 Живот

Што ни кажува вештачката интелигенција за среќата и менталното здравје на луѓето?

Вештачката интелигенција може да научи повеќе за нашето ментално здравје отколку ние, луѓето.

Истражувачи од канадскиот Универзитет во Ватерло анализирале над 700.000 текста од над 67.000 корисници на една апликација за следење на расположението. Потоа направиле компјутерски модел кој може да препознава клучни зборови во текстовите.

Што прави да се чувствуваме среќни?

Според извештајот објавен во јануари, постои силна врска помеѓу позитивното расположение и квалитетот на сонот, здравата исхрана и вежбањето. Накратко, колку подобро се грижиме за себе, толку сме посреќни.


Фото: Pixabay

Во истражувањето се покажало и дека има врска помеѓу самите чувства. На пример, оние што напишале дека се чувствуваат уморни почесто чувствувале и тага, лутина и фрустрација. Од друга страна, оние што се чувствувале продуктивни почесто се чувствувале и посреќни. Дури и активностите како кратење на косата биле поврзани со чувството на спокој и среќа.

Врска помеѓу менталното и физичкото здравје

Веќе знаеме дека менталното и физичкото здравје се поврзани, но треба да се истражува уште за детално да се разбере оваа врска. Ова истражување ја покажува врската помеѓу грижата за себе и психолошкото здравје.

Лукаж Голам, кој го надгледувал истражувањето, вели дека технологијата со која било спроведено истражувањето може да се користи како „алатка за набљудување“ со која може да се забележат проблеми во менталното здравје кај корисниците на социјалните мрежи.


Фото: Pixabay 

Според Светската здравствена организација, речиси едно во пет деца или адолесценти во светот има некакво ментално нарушување. Најзастапена е депресијата, со која се соочуваат 254 милиони луѓе низ светот.

Ова не е првпат како се користи вештачка интелигенција за да се стигне до тајната за среќата. Едно истражување од 2019 година користело компјутерски модел за да анализира 8 милиони книги и 65 милиони написи од весници за да создаде индекс на национална среќа. Било откриено дека подолг живот значи и посреќен живот, поголемите приходи водат до поголема среќа и дека војната, очекувано, драматично го намалува расположението на нацијата.

Автор: Дерен Такери
Извор: weforum.org 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот