X
 12.02.2024 Живот

„Ајнштајн и бомбата“ - документарец на „Нетфликс“ за трите недели во колибата во која се криел научникот

Во септември 1933 година скромна, дрвена колиба во Норфолк станала едно од најважните скривалишта во историјата.

Речиси еден век подоцна, ретко раскажуваната приказна за трите недели што Алберт Ајнштајн ги поминал во колибата среде пустелија е претворена во необичен тип на документарна драма наречена „Ајнштајн и бомбата“.

Новиот документарец на „Нетфликс“ го прикажува краткиот престој на прославениот германски еврејски научник кој го променил текот на историјата.

- Кога го анализиравме престојот подлабоко, сфативме каков сеизмички момент во неговиот живот било тоа - вели сценаристот Филип Ралф, кој користел вистински говори, писма и интервјуа на Ајнштајн за да ги прикаже дијалозите на физичарот.

- Она што излезе од моето истражување беше дека станува збор за најважната пресвртница во животот на Ајнштајн - додава тој.

Во тој период Ајнштајн бил јавен непријател број 1 на Германија. Во мај 1933 година брошурата со наслов „Евреите те гледаат“ го обвини Ајнштајн за лажна пропаганда за злосторство против Хитлер. Под неговата слика пишувало: „Сè уште не е обесен“.

Во септември, откако германските тајни агенти го убиле еврејскиот филозоф Теодор Лесинг во Чехословачка, нацистите, кои веќе ги украле заштедите на Ајнштајн, упаднале во неговата викендичка, му го ограбиле станот во Берлин и понудиле награда од 1.000 фунти за негово убиство.

Следниот ден Ајнштајн попуштил на молбите на неговата сопруга Елса да ја напушти викендичката што ја изнајмиле во Белгија и да побегне во Англија. Потоа тој никогаш не стапнал во континентална Европа.

- Пред тој момент Ајнштајн бил отворен, страстен поборник за ненасилство и пацифизам. Но, на крајот од тие три недели тој одржал говор пред 10.000 луѓе во „Ројал Алберт хол“ каде што практично рекол дека постои егзистенцијална закана за европската цивилизација со која ќе мора да се борат - вели Ралф.

Во 1939 година, плашејќи се дека нацистите први ќе стигнат да го направат тоа, тој успешно поднел петиција до претседателот Френклин Рузвелт за да го забрза развојот на нуклеарна бомба, одлука неодамна прикажана во филмот „Опенхајмер“ на Кристофер Нолан.

1
Фото: Bettmann/Bettmann Archive

За време на престојот на Ајнштајн во Норфолк, каде што го чувале вооружени чувари, тој првпат сфатил дека мора јавно да го искористи своето влијание во општеството за да зборува против нацистите и да ги повика светските лидери да дејствуваат.

- Го избравме насловот „Ајнштајн и бомбата“ затоа што промената во неговото размислување што се случи во тој тринеделен престој во Норфолк директно го навела да го стави своето име на тоа писмо до Рузвелт - вели Ралф.

Колибата во Норфолк му припаѓала на доверлив познајник, антифашистичкиот конзервативен пратеник и поморски командант од Првата светска војна, Оливер Локер-Лампсон, кој му ја понудил на Ајнштајн како засолниште под негова заштита.

Кога Ајнштајн се согласил да одржи говор во „Ројал Алберт хол“ за да собере пари за еврејски академски бегалци од Германија, неговата одлука била критикувана од „Дејли мејл“. Весникот го повика Ајнштајн да ја запре таа неразумна агитација во земјата против нацистичкиот режим.

По два дена откако го одржал својот историски говор, повикувајќи ги сите нации да се спротивстават на силите кои ја загрозуваат интелектуалната и индивидуалната слобода, Ајнштајн заминал во САД и во новоформираниот Институт за напредни студии на Универзитетот „Принстон“. Елса му се придружила и тој го поминал остатокот од својот живот во егзил, каде што напиша писма во кои препорачуваше САД да им понудат визи за Евреите што бегаат од нацистичкиот прогон и помогнал да се основа првата агенција за помош на бегалците во светот, Меѓународниот комитет за спасување.

 

Извор: The Guardian
Фото: Bettmann/Bettmann Archive
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот