X
 04.04.2022 Наука

Со помош на суперкомпјутери и теоријата на хаос, Јапонците ќе влијаат врз метеоролошките услови

Контролирањето на времето во некоја област би можело да стане изводливо ако постапиме на вистински начин и во вистинско време, покажаа јапонските научници со симулации на суперкомпјутер.

Во 1972 година научникот Едвард Лоренц во неговото предавање за предвидливост ја изнел тезата позната како ефект на пеперутка. Со овој ефект се поставува прашањето: Дали мавтањето на крилјата на пеперутката во Бразил може да предизвика торнадо во Тексас?, а подоцна ефектот бил поврзан со математичката теорија на хаос.

Оваа теорија опишува сложени динамички системи кои се однесуваат на навидум непредвидлив начин, а нивниот исход во голема мера зависи од почетните услови. Мала промена во нив би можела да доведе до хаотична промена подоцна.

Сето ова е земено како основа на хипотеза на научниците од Институтот за компјутерски науки РИКЕН во Јапонија, за да истражат дали луѓето можат да ја користат теоријата на хаос и ефектот на пеперутката во своја полза - за контрола на метеоролошките услови.

Во природата ситуацијата е слична, мала промена во почетните услови може да доведе до развој на многу различни услови подоцна, а современите суперкомпјутери можат доста добро да го изведат овој развој во нивните симулации.

Каде и кога да се постави „пеперутка“?


Така, со помош на суперкомпјутери може да се пресмета како ќе се менуваат временските услови со текот на времето, па зошто тогаш со нив да не се симулира што би се случило ако се обидеме да влијаеме врз почетните услови?

теорија

Исто како пеперутката од предавањето на Лоренцо, научниците сакале да ги откријат точното време и место, во рамките на метеоролошки систем каде што треба да се интервенира за да се постигне посакуваниот исход. Така, тоа би можело да биде преместување на обилни дождови од регион каде што би донеле многу штета во друг регион. Друга опција е да се пренасочат торнада и бури или да се создадат врнежи за да се избегне суша - сето ова без климатски инженеринг и влијание врз екосистемот на Земјата и глобалната клима.

Оваа мала интервенција во времето, на вистинското место и на вистинскиот начин, би се извршила со краткотрајна промена на локалната температура, која би била еден вид „прекинувач“ за промена на развојот на облаците или слично, а по некое време ова човечко влијание би се претворило во посакуваниот исход.

Доколку се активираат доволно такви „прекинувачи“, локалните метеоролошки услови би можеле да станат попредвидливи и да се контролираат.

Досега јапонските истражувачи развиле само аналитички модел кој со помош на симулација на суперкомпјутер може да се користи за предвидување на резултатите од таквата манипулација со почетните услови за да се создаде посакуваниот метеоролошки исход.

Научниците нагласуваат дека евентуалните експерименти во реален свет треба да бидат крајно претпазливи. Предизвикувањето промена на временските услови не може секогаш да има позитивен исход за секого, па затоа треба да се развијат протоколи што ќе ги усогласат социјалните, етичките и правните фактори кои влијаат врз временските услови во реално време.

Извор: Bug.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука