(
Фото: Pixabay)
Криминалот во областа на културните богатства со време стана профитабилен бизнис со проценети загуби кои достигнуваат милијарди долари годишно. Во прилог на тоа говорат и фактите дека ФБИ има тим кој се занимава со ваквиот криминал.
Имено, постои архива под име Досие за украдена национална уметност (The National Stolen Art File, NSAF), како и најголема база на приватни податоци за исчезнатите и украдените уметнички дела, на чија веб-страница можете да се информирате за услугите и враќањето на украдените дела, има контакт од осигурителни агенции и агенции за спроведување на законите во светот.
Одземање на уметничките дела од нацистите
Веројатно најголемата кражба на уметнички дела што некогаш се случила е за време на Втората светска војна. Хитлер, како неуспешен уметник, сакал да формира музеј на европската уметност со класични дела, додека „дегенерираната“ уметност, како што се современите дела од кубизмот, футуризмот, дадаизмот, ќе бидат уништени.
Конфискувани се уметнички дела од многубројни музеи, приватни колекции, одземени се од богатите еврејски семејства, и тоа не само слики туку и литературни дела, сребро, злато, кристал, украси, ракописи, нацрти, скулптури итн. Многу од музеите по ограбувањето биле уништени, биле организирани јавни изложби и продажба на „изопачената“ уметност, јавно палење, аукции, јавни и приватни.
Собата од килибар на Ван Гог
Иако многу од украдените уметнички вредности им се вратени на сопствениците во годините по војната, се проценува дека околу 20% од европските уметнички дела се украдени, и дека околу 100.000 предмети никогаш не биле пронајдени, ниту пак вратени на законските сопственици. Меѓу нив се, на пример, делото на Ван Гог -
Собата од килибар и Рафаеловиот
Портрет на млад човек (со вредност од 100 милиони долари).
Меѓу вратените дела се наоѓа Климтовиот
Портрет на Адел Блох-Бауер I (вреден 135 милиони долари).
Некои значајни дела се наоѓаат во сомнително стекнатите колекционерски збирки, како што е онаа на Емил Георг Бирле, кој своето богатство го стекнал продавајќи му оружје на Хитлер. Во неговата збирка се Пол Сезан,
Момчето во црвен елек (110 милиони долари), Едгар Дега, Пол Гоген, Клод Моне, Пјер Август Реноар, Амадео Модиљани, Винсент ван Гог. Едно од најпознатите вратени уметнички дела е делото на Микеланџело,
Богородица од Бриж, кое е пронајдено од Агентите за споменици (Monuments Men).
Мона Лиза
Доколку мислевте дека е невозможно да се украде најпознатата слика на светот, сте се излажале!
Во август 1911 година,
Мона Лиза (вредна 100 милиони долари) е украдена од „Лувр“. Најпрво се сметало дека крадецот е некој од модерните непријатели на класичната уметност, па бил сослушуван и авангардниот поет Гиом Аполинер, а по него и Пабло Пикасо. Докази за тоа немало.
Две години подоцна бил уапсен Виченцо Перуџа во обид да се ’ослободи‘ од сликата во Италија. Перуџа влегол во музеј облечен во работнички костим, а сликата била скриена под костимот. Оваа случка ја направи оваа слика најпозната во светот, иако пред тоа таа не беше ништо поразлична од другите слики на Да Винчи.
Кога го уапсиле, тој рекол дека се обидувал да биде национален херој и дека само сакал да ја врати сликата во својата татковина. Бил осуден на само седум месеци затвор.
Кражбата во музејот „Кунстхале“
Пол Гоген, Девојка пред отворен прозорец
Во октомври 2012 година крадците за само три минути однеле седум вредни дела, меѓу кои сликите
Девојка пред отворен прозорец на Гоген,
Мостот Черинг-Крос,
Лондон на Моне и
Глава на Арлекин од Пикасо.
Вкупната вредност е проценета на 24 милиони долари, а сите дела биле уништени. Кога крадците биле уапсени, еден од нив признал дека неговата мајка ги запалила сликите во рерна за да се ослободи од доказите против нејзиниот син. Иако се пронајдени некои остатоци, нема цврсти докази, па сликите се сметаат за исчезнати.
Делата на Ван Гог
Винсент ван Гог, Афионов цвет
Делата на Ван Гог исчезнувале и во годините по војната. Сликата
Афионов цвет со вредност од 55 милиони долари двапати била крадена и се смета за исчезната. Ова дело е едно од последните на уметникот пред да изврши самоубиство во 1889 година.
Од музејот на Ван Гог во 2002 година крадците однеле две слики во вредност од 3 милиони долари. Крадците биле фатени, a
Пејзаж во Шевенинген и
Верници на излез од реформаторската црква во Нуен се пронајдени кај неаполскиот мафијаш од кланот Јаморе дури во 2016 година.
Пикасовиот Гулаб
Пабло Пикасо, Гулаб со зелен грашок
Во мај 2010 година во 7 часот наутро биле украдени пет слики со вредност од 500 милиони евра. Крадецот влегол низ прозорец, ги извадил сликите од рамките, вклучително и Пикасовата слика
Гулаб со зелен грашок (вредна 140 милиони долари). Уплашен, крадецот ја фрлил сликата во канта за ѓубре непосредно по кражбата и таа е изгубена пред властите да можат да реагираат.
Момчето во црвен елек на Сезан
Случувањата што ја разбрануваа јавноста се запаметени како најголема европска кражба и воопшто најголема кражба во историјата на Швајцарија.
Едно неделно попладне во 2008 година, половина час пред затворање на Музејот на фондацијата на Емил Бирле, тројца маскирани мажи влетале заканувајќи се со оружје, и со голема брзина однеле четири дела со вкупна вредност од 164 милиони долари:
Момчето во црвен елек на Пол Сезан,
Гранка од костен во цвет на Винсент ван Гог,
Афиони во близина на Ветеј на Клод Моне,
Грофот Лепик и неговите ќерки на Едгар Дега.
Осомничена е криминалната група „Пинк Пантер“, позната по кражбите во светски познатите продавници на накит. Кратко пред тоа, украдени биле две дела на Пикасо од друг музеј, кражба која повторно се поврзуваше со оваа група.
Набрзо по кражбата, на паркингот на психијатриската болница во Цирих е пронајден напуштен автомобил со сликите на Ван Гог и Моне на задното седиште.
Сликата на Дега е тајно вратена, Сликата на Пикасо е пронајдена во Белград во 2011 година, а само шест месеци подоцна во спектакуларна потера е пронајдена сликата на Сезан во истиот град. Уапсени се членовите на „Пинк Пантер“ кога се обидувале да ја продадат сликата, a таа била скриена во покрив од камионет.
Музејот на Изабела Стјуарт Гарднер
Рембрант, Бура на Галилејското Море
Најпознатата светска кражба на уметнички дела е извршена во 1990 година, при што се украдени дела во вредност од 500 милиони долари и истата досега не е разјаснета.
Двајца мажи маскирани како полицајци, под изговор дека се јавуваат на повик, го совладале обезбедувањето и украле тринаесет дела на Рембрант, Вермер, Дега и Мане, други предмети стари 3000 години, антиквитети од династијата Шенг, и сето тоа за деведесет минути.
Меѓу исчезнатите дела е и Рембрантовото
- Бура на Галилејското Море (вредна 3,4 милиони долари) и Вермеровото дело
Концерт (200 милиони долари).
Украдени се дела без некоја посебна логика и смисла, некои исечени од рамките, другите откорнати, а оставени се многу повредни слики. Сите предмети се наоѓале на вториот кат, освен сликата на Мане, која била на првиот кат и каде што детекторите за движење не забележале никаква активност, а физичкиот опис на крадците бил само делумно познат.
Меѓу осомничените се и самите чувари на музејот, дилери со уметнички дела, крадци, мафијаши, наркокартели, па дури и ирската војска, но никој не е обвинет и уметничките дела не се најдени до денес. Случајот застарел, па никој и нема да биде обвинет. ФБИ распишало награда од 10 милиони долари за информации кои ќе доведат до пронаоѓање на уметничките дела.
Празните рамки на украдените слики и денес висат во музејот како потсетник за кражбата и надежта дека сепак сликите еден ден ќе бидат пронајдени и вратени.