X
 05.04.2020 Технологија

Корисниците потрошиле рекордни 23,4 милијарди долари на апликации од почетокот на 2020

Расте популарноста на мобилните апликации, а причината за тоа е ширењето на коронавирусот. Со оглед на тоа што луѓето се принудени да седат дома, сè поголем број од нив го поминуваат времето користејќи апликации за пазарење, вежбање, работа или забава.

Според новите податоци на „Еп Ени“, во првиот квартал од годината луѓето потрошиле повеќе на мобилни апликации отколку кој било квартал претходно. Освен тоа, просечното време потрошено на апликации и игри во една недела низ светот се зголемило за 20% во споредба со истиот квартал минатата година.


Фото: Pixabay

Само во првите три месеци од 2020 корисниците на мобилни телефони низ светот потрошиле над 23,4 милијарди долари во онлајн-продавниците за апликации. Од оваа сума 15 милијарди долари биле потрошени од корисници на ајфони, додека 8,3 милијарди долари биле потрошени од корисници на „Андроид“. Двете суми се повисоки за 5% во споредба со истиот период минатата година.

Сите корисници потрошиле над 16,7 милијарди долари на игри. Најголем дел од потрошувачите се од САД и Кина кога станува збор за ајфоните, додека САД, Јапонија и Јужна Кореја биле најголеми потрошувачи на „Гугл плеј“.

Корисниците на „Андроид“ најмногу трошеле на игри, социјални апликации и апликации за забава. Во меѓувреме, оние со ајфони трошеле најмногу на игри, забава и апликации за фотографии и видео. Корисниците на ајфони најмногу ги користеле „Тиндер“, „Јутјуб“ и „Тик-Ток“.


Фото: Pixabay

Во првиот квартал имало 31 милијарда преземања на апликации, односно 15% повеќе од првиот квартал во 2019. На „Гугл плеј“ имало 22,5 милијарди преземања, додека корисниците на ајфон направиле над 9 милијарди преземања.

Најголемите пазари за преземање апликации од „Гугл Плеј“ биле Индија и Бразил, додека кај ајфоните тоа се Кина и САД. На двете платформи најголем е порастот на преземање игри. На „Гугл плеј“ биле преземени речиси 10 милијарди игри, а на „iOS“ биле преземани над 3 милијарди игри. Бил забележен пораст и кај преземањето апликации за здравје и фитнес, образование и бизнис.

Автор: Сара Перез
Извор: techcrunch.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија